Жонг Чангчун бил осуден на смрт во јануари, откако избодел момче кое одело кон јапонското училиште во југоисточниот кинески град Шенжен, јавува Би-би-си.
Случајот ги потресе двете земји и дополнително ги подигна дипломатските тензии, со сомневање дека станува збор за ксенофобичен напад.
„Јапонската влада го смета убиството на целосно невино дете за непростливо злосторство и оваа егзекуција ја сфаќа со најголема сериозност“, се вели во соопштението на јапонската амбасада за Би-Би-Си.
„Поради овој инцидент, јапонската влада ќе продолжи да ги презема сите можни безбедносни мерки и силно ќе ја повика кинеската страна да ја обезбеди безбедноста на јапонските граѓани во Кина“, додаваат тие, објаснувајќи дека за егзекуцијата биле информирани од кинеското Министерство за надворешни работи.
Страв во јапонската заедница
Нападот предизвика страв кај јапонската заедница во Кина, а некои јапонски компании, вклучително и Тојота, ги повикаа вработените да бидат внимателни. Панасоник им понуди на вработените бесплатни летови до дома.
Во пресудата за случајот Жонг, според јапонските власти, не се споменува Јапонија. Јапонскиот амбасадор во Кина, Кенџи Канасуги, рече дека Жонг побарал да разговара со семејството на жртвата, но не кажа дали момчето било цел бидејќи е Јапонец.
Политички контекст и повторување на насилството
Инцидентот дополнително фрли светлина врз се поизразениот нетолерантен национализам на кинеските социјални медиуми, кој во последниве години поттикна антистрански чувства.
Некои коментатори забележаа дека нападот се случил на политички чувствителен датум - 18 септември, годишнината од инцидентот што доведе до јапонската окупација на Манџурија во раните 1930-ти.
Историските рани продолжуваат да ги оптоваруваат политичките односи на двете земји. Со децении, Кина бараше извинување од Јапонија за нејзината колонијална и воена агресија во првата половина на 20 век и редовно ја обвинува Јапонија дека ја минимизира бруталноста на нејзините воени дејствија во училишните учебници.
Нападот се случи и во контекст на бранот насилство врз странците во Кина, вклучително и напад со нож врз четворица американски учители во градот Џилин.
Во јуни минатата година, маж нападна Јапонка и нејзиното дете на автобуска постојка во Сужоу, но притоа уби Кинеска која се обидела да ги одбрани. И тој напаѓач бил егзекутиран, потврдија јапонските власти минатата недела.