Хипер: ЕУ ги повикува сите страни да го почитуваат Договорот за неширење на нуклеарното оружје

30.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хипер: ЕУ ги повикува сите страни да го почитуваат Договорот за неширење на нуклеарното оружје

Европската Унија секогаш ги повикува сите потписници на Договорот за неширење на нуклеарното оружје да ги почитуваат преземените обврски и одговорности, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Анита Хипер. 

- Сепак станува збор за Русија и нашите очекувања околу ова се мали, рече Хипер во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ во врска со најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД ќе започнат со нови тестови за нуклеарно оружје и информациите од Москва дека е извршено тестирање на нова нуклеарна крстосувачка ракета.  

Хипер додаде апелот на ЕУ за придржување кон обврските од Договорот за неширење на нуклеарното оружје се однесува за сите, но дека случаите на САД и Русија „не треба да се ставаат во ист кош“. 

Според Хипер, тестирањето на нов нуклеарен проектил од страна на Русија, доколку таквите информации се вистинити, не претставува чекор во вистинската насока, особено во време кога земјата води нелегална, неоправдана и неиспровоцирана војна во Украина. 

- Со ова, наместо да избере мир, Русија повторно продолжува со ескалација на состојбата преку своите постапки и реторика, изјави Хипер.  

На дополнително прашање дали ЕК смета дека ваквата руска ракета претставува закана за ЕУ, Хипер одговори дека Русија „во целост претставува закана за европската безбедност“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата