Новата регулатива предвидува дека патниците, како и сите лица со кои биле во контакт или се изложени на „сериозен ризик од инфекција“, можат да бидат ставени во изолација до 42 дена.
Француската министерка за здравство Стефани Рист потврди дека граѓанинот е позитивен на тестот, откако вчера беше евакуиран од крузерот. Како што објави „Ле Фигаро“, жената почнала да се чувствува лошо за време на летот за Франција во неделата вечерта, откако бродот се закотвил во шпанското пристаниште Тенерифе. Останатите патници ќе бидат повторно тестирани, а сите петмина сега се во изолација во Париз, рече Рист.
Нови случаи и во САД
Инфекцијата е потврдена и кај американските граѓани кои се враќаат од истиот брод. Министерството за здравство и човечки услуги на САД потврди во неделата дека еден од 17-те репатрирани Американци е позитивен на тестот, додека друго лице покажува симптоми на болеста. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, им се заблагодари на Шпанија и другите надлежни органи за брзото истоварување на патниците во неделата, додавајќи дека тесно соработуваат со здравствените агенции за нивна евакуација. h
Службеници од Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела објавија дека може да се потврдат повеќе случаи на инфекција, бидејќи тестирањето на патниците и нивните контакти продолжува. Во исто време, СЗО се обидува да ги смири стравувањата, нагласувајќи дека оваа епидемија не претставува здравствен ризик на ниво на пандемијата на ковид-19.
За хантавирусот
Според соопштението за медиумите на холандскиот туроператор „Оушнвајд експедишн“ од 4 мај, на бродот имало 77 лица од Европа. Хантавирусот нормално се шири преку заразени стаорци, но подтипот на Андите, кој ја предизвика оваа епидемија, е единствената позната варијанта што може да се пренесе од човек на човек. Досега, три лица на бродот починале како резултат на инфекцијата.

