Литванската авиокомпанија специјализирана за чартер авиони со екипаж - Avion Express потврди дека е започната внатрешна истрага откако се дознало дека еден од нивните пилоти, кој требало да лета како копилот, наводно фалсификувал сертификати за да биде вработен како капетан на комерцијални летови.
Според извештаите засновани на податоци од неколку портали - човекот претходно работел како прв офицер за индонезиската компанија Garuda Indonesia, но за време на неговото вработување во Avion Express, наводно без соодветна лиценца, ја презел улогата на капетан и летал со авиони што превезувале стотици патници, објавува aviation24.
Интересно е што овој потег довел до тоа илјадници патници на германската нискобуџетна авиокомпанија Eurowings на линии до туристички дестинации низ целиот свет да бидат „во негови раце“, додека несовесниот „капетан“ летал со авиони A-320 и A-321, објавува NY Post.
Службеник од Avion Express, кој работи како оператор со влажен закуп и изнајмува авиони со екипаж на големи авиокомпании, изјавил дека „компанијата неодамна дознала за непроверени информации во врска со неговото професионално искуство. Веднаш била започната внатрешна истрага што е во тек“.
Компанијата, исто така, нагласи дека нејзините процедури за регрутирање ги исполнуваат сите релевантни прописи за воздухопловство и дека „безбедноста и усогласеноста со регулативите остануваат нејзини највисоки приоритети“.
Иако досега не се пријавени безбедносни инциденти директно поврзани со овој пилот, фактот дека тој летал со комерцијални патнички летови под сомнение за несоодветни квалификации покренува сериозни прашања за процедурите и транспарентноста во синџирот на одговорност.
Случајот на пилот со лажни документи не е единствен во историјата на воздухопловството. Имало измамници на „висок лет“ кои се обиделе да се фатат за пилотската кабина - иако не им било дозволено дури ни да се приближат до контролите. Најпознат од нив е легендарниот Френк Абагнејл, познат американски измамник кој ги фалсификувал акредитациите на пилотите на Пан Ам во 1960-тите за да патува низ светот бесплатно - но всушност никогаш не летал со авион, за што е направен филмот „Фати ме ако можеш“.
Сличен случај е забележан оваа година во Флорида, каде што еден човек бил осуден за измама откако користел околу 30 различни лажни карти за стјуардеси во период од шест години, користејќи ги за да резервира повеќе од 100 бесплатни летови низ САД.

