Италија го зголемува воениот буџет- економски предизвик за владата на Џорџија Мелони

13.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Италија го зголемува воениот буџет- економски предизвик за владата на Џорџија Мелони

Италија постепено ќе го зголемува својот буџет за одбрана откако ќе излезе од постапката за прекумерен дефицит на Европската унија, изјави министерот за одбрана Гвидо Крозе, додавајќи дека земјата ќе ги исполни новите цели за трошење поставени од НАТО.

„Оваа цел подразбира просечно зголемување на трошењето од 0,15 до 0,2 проценти од БДП годишно до 2035 година, што ќе се спроведува постепено и во согласност со макроекономската рамка и одржливоста на јавните финансии“, рече Крозе во обраќањето пред парламентот, објави Ројтерс.

Тој додаде дека добил уверување од министерот за економија Џанкарло Џордети дека, штом Италија излезе од постапката за прекумерен дефицит, трошењето за одбрана ќе се зголеми за 0,15 проценти од БДП следната година, потоа за уште 0,15 проценти во 2027 година и за 0,2 проценти во 2028 година.

Италија беше ставена под надзор на ЕУ во 2024 година за буџетски дефицит што надминува 3 проценти од БДП, што ги ограничи нејзините трошоци сè додека не ги усогласи своите јавни финансии.

Владата на премиерката Џорџија Мелони очекува да излезе од постапката до средината на 2026 година, една година пред предвидениот рок.

Откако ќе излезе од буџетската контрола на ЕУ, Италија би можела да побара активирање на таканаречената „клаузула за ослободување“, што би ѝ овозможило да ги зголеми трошоците за одбрана над ограничувањето на дефицитот од 3 проценти без да предизвика нови дисциплински мерки од Брисел.

Членовите на НАТО оваа година го прифатија барањето на САД годишните трошоци за одбрана да достигнат 5 проценти од бруто домашниот производ (БДП), што претставува предизвик за високо задолжената Италија, која моментално троши околу 2 проценти од БДП за одбрана, објави Ројтерс.

Според новите обврски, земјите би морале да издвојат 3,5 проценти од БДП за основни одбранбени капацитети, како што се персонал и оружје, и дополнителни 1,5 проценти за пошироки безбедносни активности.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата