„Меѓународните сили за стабилизација“ се предвидени во договорот што доведе до кревко примирје меѓу Израел и палестинскиот Хамас на 10 октомври, по две години разорна војна предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Според условите на договорот, коалицијата на сили за стабилизација ќе се состои главно од арапски и муслимански земји, а ќе биде распоредена во Газа за да ја надгледува безбедноста и почитувањето на прекинот на огнот додека израелската армија се повлекува.
- За овие сили за стабилизација ефикасно да ја извршат својата мисија, сите се согласуваме дека тие мора да имаат мандат од Советот за безбедност, изјави јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади, на заедничка прес-конференција со неговиот германски колега Јохан Вадефул во Манама, главниот град на Бахреин.
Вадефул, исто така, ја поддржа идејата за мандат на ОН за овие меѓународни сили, кој мора да се базира на „јасна правна основа во меѓународното право“.
- Тоа е многу важно за земјите кои сакаат да ги испратат своите војници во Газа и за Палестинците. Германија, исто така, сака јасен мандат за оваа мисија, рече тој.
Јордански функционер појасни дека неговата земја нема да испраќа војници во Газа.

