Јавно се камшикувани двајца млади мажи во Индонезија поради хомосексуалност

26.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Јавно се камшикувани двајца млади мажи во Индонезија поради хомосексуалност

Настанот го следеле околу 100 лица во градскиот парк во Банда Ачех, каде што осудените на возраст од 20 и 21 година добиле десетици удари со стап од ратан по грбот. Покрај нив, уште осум лица денеска беа јавно камшикувани поради прељуба и коцкање.

Законот во Ачех предвидува до 100 удари со камшик за „морални прекршоци“, меѓу кои се хомосексуални односи и сексуални врски меѓу невенчани лица. Камшикувањето се применува и за коцкање, консумирање алкохол, жени кои носат тесна облека и мажи кои не присуствуваат на петочните молитви во џамија.

Двајцата млади беа осудени на по 80 удари, откако верската полиција соопшти дека ги фатила во „сексуален чин на гушкање и бакнување“ во тоалет во јавен парк. Тие биле уапсени во април по пријава на очевидци и признале дека се запознале преку онлајн апликација.

Ачех е единствената индонезиска провинција што го применува шеријатскиот закон, воведен во 2006 година како дел од договор за ставање крај на долгогодишен вооружен сепаратистички бунт. Досега имало четири случаи на камшикување поради хомосексуалност. Кривичен законик на Индонезија не ја санкционира хомосексуалноста, но централната власт нема надлежност да го укине шеријатот во Ачех.

Меѓународните организации за човекови права повеќепати побараа укинување на казната камшикување. „Амнести интернешнал“ денеска ја осуди јавната егзекуција на казната, нарекувајќи ја „вознемирувачки чин на дискриминација и суровост санкционирана од државата“.

„Ова е застрашувачки потсетник на институционализираната стигма и злоупотреба со кои се соочуваат ЛГБТ+ лицата во Ачех. Интимните односи меѓу возрасни лица со взаемна согласност никогаш не треба да бидат криминализирани“, стои во соопштението на организацијата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата