Во наредните денови, ним ќе им се придружи уште една дивизија, 36-та. Кога единиците ќе ги завршат своите операции, тие ќе го опколат градот Газа од речиси сите страни, јавуваат израелските медиуми.
Според проценката на ИДФ, операцијата ќе трае околу два до три месеци, но „чистењето на областа од терористи може да потрае подолго“.
ИДФ нагласува дека седиштето на Хамас е во центарот на градот, вклучувајќи го веројатно и воениот командант на организацијата, Иза ед-Дин Хадад, за кого тврдат дека е во тунелите.
Претходната израелска проценка беше дека во градот имало околу 2.500 борци на Хамас, но ИДФ сега тврди дека нивниот број се зголемил бидејќи пристигнале дополнителни.
ИДФ им соопшти на жителите на Газа дека отвора втора рута за евакуација за оние кои сакаат да избегаат од градот Газа, додека израелската армија напредува во градот. Рутата, по улицата Салах ал-Дин во јужниот дел на Појасот Газа, ќе биде отворена од денеска напладне до петок напладне, објави портпаролот на ИДФ, Авичај Адрае, на арапски јазик на својот „X“-профил.
Околу 400.000 Палестинци досега се евакуирани од градот Газа во други области на Појасот, според најновата проценка на ИДФ. Се проценува дека околу еден милион луѓе живееле во градот пред последните израелски напади.
ИДФ им нареди на жителите од сите делови на Газа веднаш да се евакуираат во „хуманитарна зона“ одредена од Израел. Според израелската војска, темпото на евакуации се зголеми на десетици илјади луѓе дневно во последните денови. Проценките на ИДФ обично се повисоки од оние објавени од Обединетите нации.