Иранската државна телевизија го цитираше портпаролот на полицијата, генерал Саид Монтазералмахди, кој изјави дека луѓето ги пријавиле осомничените кај властите, објавија американските медиуми.
-Апсењето на 21.000 осомничени лица за време на 12-дневната војна укажува на високата свест и учество на луѓето во осигурување на безбедноста, рече тој.
Монтазералмахди, меѓутоа, не прецизираше со какви обвиненија би можеле да се соочат осомничените.
Сепак, тој рече дека повеќе од 260 лица се осомничени за шпионажа, а 172 лица се уапсени за нелегално снимање.
Според него, полицијата поставила повеќе од 1.000 контролни пунктови низ целата земја за време на конфликтот, помеѓу 13 и 24 јуни.
Американските медиуми додаваат дека ова е првпат иранската полиција да го објави вкупниот број на апсења за време на војната.
Во последните недели, Иран повремено известуваше за апсења на осомничени за шпионажа.
Од крајот на јуни, Иран егзекутираше седум мажи осудени за шпионажа за Израел, што предизвика страв кај активистите дека владата би можела да изврши бран егзекуции, наведуваат американските меидуми.
Израел на 13 јуни започна бран воздушни напади врз Иран, при што загинаа речиси 1.100 луѓе, вклучувајќи многу воени команданти. Од друга страна, во Израел 28 лица загинаа во одмаздничките ирански напади.