Гутереш: ОН го осудуваат континуираното кршење на прекинот на огнот во Газа

4.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Гутереш: ОН го осудуваат континуираното кршење на прекинот на огнот во Газа

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека е „длабоко загрижен“ од „континуираното кршење“ на прекинот на огнот во Појасот Газа, повикувајќи ги сите страни целосно да ги почитуваат одредбите од првата фаза од мировниот договор.

„Овие кршења мора да престанат и сите страни мора да ги почитуваат одлуките од првата фаза од мировниот договор“, рече Гутереш на прес-конференција во Доха, одржана на маргините на Светскиот самит за социјален развој, пишува денеска француски „Фигаро“.

Прекинот на огнот во Газа е во сила од 10 октомври, како дел од договорот постигнат со посредство на САД, што предвидува ослободување на сите живи заложници киднапирани за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.

Меѓутоа, процесот на враќање на телата на починатите заложници се одвива побавно од планираното, јавуваат медиумите.

Израел го обвинува Хамас дека не го почитува договорот, тврдејќи дека милитантната група го одложува враќањето на телата, додека Хамас вели дека операциите за пребарување се попречени од тешките уништувања на територијата.

Како што беше објавено, и покрај прекинот на огнот, израелската армија постојано ја бомбардираше Газа, наведувајќи дека тоа е „одмазда“ за нападите во кои беа убиени тројца израелски војници.

Во израелските напади досега се убиени 68.865 Палестинци, повеќето од нив цивили, се наведува во бројките од Министерството за здравство на Газа, кои ОН ги смета за веродостојни.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата