Фон дер Лајен: Предлагаме 19-ти пакет санкции кон Русија за да ја принудиме да преговара за мир

19.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фон дер Лајен: Предлагаме 19-ти пакет санкции кон Русија за да ја принудиме да преговара за мир

 Како одговор на зачестените руски напади врз Украина и упадите на дронови во воздушниот простор на членките на ЕУ, Европската комисија го презентира 19-от пакет санкции кон Русија, кои вклучуваат мерки поврзани со енергијата, банкарскиот сектор, трговијата со крипто валути и со компании што го поддржуваат рускиот воено-индустриски комплекс, информира денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во видео изјава. 

- За жал, во текот на изминатиот месец, Русија го покажа својот целосен презир кон дипломатијата и меѓународното право. Таа започна некои од најголемите напади со беспилотни летала и ракети врз Украина од почетокот на војната, погодувајќи владини згради и цивилни домови, погодувајќи ја и канцеларијата на ЕУ во Киев, претставништвото на нашата Унија, истакна Фон дер Лајен. 

Таа додаде дека паралелно со ова се зголемуваат и заканите кон ЕУ со нарушувањето на воздушниот простор на Унија во Полска и во Романија со руските беспилотни летала „Шахед“ во последните две недели. 

- Ова не се постапки на некој што сака мир. Одново и одново, (рускиот) претседател (Владимир) Путин предизвика ескалација. И како одговор, Европа го зголемува својот притисок. Затоа денеска го презентирам нашиот 19-ти пакет санкции, рече Фон дер Лајен. 

Со новите санкции, според Фон дер Лајен, се забранува увозот на руски течен природен гас (ЛНГ) на европските пазари. 

- Воената економија на Русија се одржува од приходите од фосилните горива. Сакаме да ги намалиме овие приходи. Затоа го забрануваме (ЛНГ). Време е да се затвори славината. Подготвени сме за ова, порача Фон дер Лајен.  

Таа нагласи дека како никогаш досега ЕУ заштедува енергија, ги диверзифицираше енергетските извори и инвестира во енергија со ниско ниво на јаглерод.  

Дополнително, со новите казнени мерки максималната цена на руската сурова нафта се ограничува на 47,6 американски долари и се санкционираат дополнителни 118 бродови од т.н. „флотата во сенка“ што се користи за заобиколување на санкциите, со што со оваа мерка сега се опфатени над 560 бродови.  

- Големите компании за трговија со енергенси „Росњефт“ и „Газпромњефт“ сега ќе бидат под целосна забрана за трансакции, а ќе бидат замрзнати средствата и други компании, рече Фон дер Лајен.  

Претседателката на ЕК најави дека со новите санкции се опфатени и оние кои ја поттикнуваат војната на Русија со купување нафта, кршејќи ги санкциите.  

- Ги таргетираме рафинериите, трговците со нафта и петрохемиските компании во трети земји, вклучително и во Кина. За три години, приходите на Русија од нафта во Европа се намалија за 90 отсто. Сега ја свртуваме таа страница засекогаш, нагласи Фон дер Лајен. 

Со новите санкции се преземаат и мерки за „затворање на финансиските дупки“ што ги користи Русија за да ги избегне санкциите.  

- Воведуваме забрана за трансакции на дополнителен број банки во Русија и во трети земји. Ги засилуваме нашите мерки против заобиколувањето (на санкциите). Како што тактиките за заобиколување стануваат пософистицирани, нашите санкции ќе се прилагодат за да останат во игра. Затоа, првпат, нашите рестриктивни мерки ќе ги погодат крипто платформите и ќе ги забранат трансакциите во крипто валути. Санкционираме странски банки поврзани со руски алтернативни системи за платежни услуги и ги ограничуваме трансакциите со субјекти во специјалните економски зони, додаде Фон дер Лајен. 

Со новиот пакет санкции се воведуваат и нови директни ограничувања за извозот на производи и технологии што се користат на бојното поле.  

- Санкционираме 45 компании во Русија и во трети земји. Овие компании обезбедуваат директна или индиректна поддршка на рускиот воено-индустриски комплекс. Во војната водена од иновации, клучно е прекинувањето на пристапот на Русија до клучните технологии. Пред се кога станува збор за дроновите, рече претседателката на ЕК. 

Фон дер Лајен додаде дека економската анализа на ЕУ покажува оти санкциите имаат сериозни последици по руската економија, основната каматната стапка е 17 отсто, инфлацијата е постојано висока, а пристапот на Русија до финансии и приходи постојано се намалува.  

- Прегреаната воена економија на Русија доаѓа до своите граници. Уште поинтересно е што кога разговараат директно со партнери кои контактираат со Русија, тие велат дека меѓу првите руски барања е олеснување на санкциите. Знаеме дека нашите санкции се ефикасна алатка за економски притисок и ќе продолжиме да ги користиме се додека Русија не седне на преговарачка маса со Украина за постигнување праведен и траен мир, потенцира Фон дер Лајен. 

Таа додаде дека паралелно со ова, ЕУ работи и на ново решение за финансирање на одбранбените напори на Украина со користење на замрзнатите руски средства.  

- Мора да бидеме многу јасни. Ова е војна на Русија и сторителот мора да плати за неа. Со профитите од овие руски средства, можеме да и обезбедиме на Украина заем за репарација. Самите средства нема да бидат допрени. Ризикот ќе мора колективно да се сноси. Украина ќе го врати заемот само откако Русија ќе ги плати репарациите. Наскоро ќе излеземе со предлог за ова, најави Фон дер Лајен. 

Според неа, со посредство на Канада, ЕУ успеала да ги усогласи своите санкции со оние на партнерите од Г7, а за да обезбеди поддршка на Украина во нејзината борба за слобода, работи и со земјите од „Коалицијата на расположените“ за помош на Киев.  

- Европа беше на страната на Украина од самиот почеток. Соочена со руската ескалација, Европа се соочи со предизвикот. Ќе продолжиме да ги користиме сите алатки што ни се на располагање за да ја завршиме оваа брутална војна. Сега ги повикувам земјите членки брзо да ги одобрат овие нови санкции. Сакаме Русија да го напушти бојното поле и да седне на преговарачката маса. Ова е начинот да му се даде вистинска шанса на мирот, додаде Фон дер Лајен во видео изјавата по повод усвојувањето на предлогот за 19-от пакет санкции кон Русија од страна на Европската комисија.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата