Еврокомисијата предложи пакет санкции кон Израел и Хамас

17.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Еврокомисијата предложи пакет санкции кон Израел и Хамас

Европската комисија усвои предлог за делумна суспензија на трговските придобивки за Израел и за робустен пакет-санкции кон терористите од Хамас, екстремистичките министри во израелската Влада и кон насилните еврејски доселеници и субјекти кои ја поддржуваат неказнивоста на Западниот Брег, соопшти денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.  

- Сакам да бидам многу јасна. Целта не е да се казни Израел. Целта е да се подобри хуманитарната состојба во Газа, рече Калас на денешната прес конференција по седницата на Европската комисија.   

Според Калас, копнената офанзива на израелските сили во градот Газа резултира со нова ескалација на конфликтот и дополнително ја продлабочи хуманитарната криза во Појасот.  

- Сите земји членки се согласуваат дека состојбата во Газа е неодржлива, дека војната мора да заврши, дека страдањето мора да запре и сите заложници мора да бидат ослободени. Мора да ги искористиме сите средства што ни се на располагање за остварување на овие цели, додаде Калас.  

Таа нагласи дека вниманието не смее да биде одвлечено од опасниот развој на настаните на Западниот Брег, што ги намалува шансите за постигнување мировно решение по моделот за постоење на две држави – Израел и Палестина.  

Со одлуката, како што информира еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович на прес-конференцијата, Комисијата му предлага на Советот на ЕУ суспендирање на одредени одредби од Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел поврзани со трговијата. 

Предлогот се базира на оценката дека преземените активности од страна на израелската Влада претставуваат прекршување на суштинските елементи поврзани со почитувањето на човековите права и демократските принципи од Членот 2 од Договорот.  

Според Комисијата, ова прекршување се однесува на влошената хуманитарна состојба во Газа по израелската воена интервенција, блокадата на хуманитарната помош, интензивирањето на воените операции и одлуката на израелските власти за населување на нови доселеници на Западниот Брег. 

Делумната суспензија на Договорот во пракса значи дека увозот од Израел ќе го изгуби својот преференцијален пристап до пазарот на ЕУ и на израелските стоки ќе им се наплаќаат царини на ниво што се применува за која било друга трета земја со која Унијата нема договор за слободна трговија. 

Овој предлог на Комисијата треба да биде одобрен Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство. 

Иницијативата на ЕК содржи и предлози за воведување казнени мерки врз основа на Глобалниот режим на санкции за кршење на човековите права на ЕУ кон деветмина израелски министри и еврејски доселениците, како и кон 10 членови на Политичкото биро на Хамас. Овој предлог Советот на ЕУ треба да го одобри едногласно.

Комисијата, исто така, донесе одлука и за замрзнување на својата билатерална поддршка за Израел, со исклучок на помошта за граѓанското општество и Меморијалниот центар на Холокаустот „Јад Вашем“. Оваа одлука се однесува на сите планирани финансирања од 2025 до 2027 година, како и на тековните проекти за институционална соработка и на програмите во рамките на Регионалниот механизам за соработка меѓу ЕУ и Израел. 

Според еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица, со оваа одлука се замрзнува целата билатерална финансиска поддршка од ЕУ за израелската Влада. 

Таа нагласи дека ЕУ продолжува да се залага за решението за две држави и за таа цел за следните две години ќе издвои 1,6 милијарди евра за реформи на палестинските територии. 

- Сепак, самото финансирање не е доволно, рече Шуица на прес-конференцијата, најавувајќи одржување донаторски собир за Палестина, како платформа за насочување на напорите на регионалните и меѓународните партнери за поддршка на Палестинците.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата