Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас посочи дека ваквата одлука се носи во услови на најризична безбедносна средина во Европа во последниве децении предизвикана од руската илегална агресија врз Украина и упадите и саботажите без преседан со дронови на територија на Унијата.
- Имаме должност да ги заштитиме нашите граѓани. Сега ќе важат построги правила за руските државјани кои бараат виза за патување во ЕУ, порача Калас.
Според неа, ваквата одлука на ЕК покажува дека слободното патувањето и движење во рамките на ЕУ е привилегија, а не нешто што е загарантирано.
Извршната потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен истакна дека од почетокот на „илегалната и неиспровоцирана агресивна војна на Русија против Украина“, која претставува сериозна закана за европската безбедност, ЕУ постојано ги заострува условите за влез за руските државјани.
- Со понатамошно ограничување на визните правила, преземаме дополнителен и неопходен чекор за да ја заштитиме безбедноста на Европската Унија и нејзините граѓани, додаде Виркунен.
Според еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, заштитата на надворешните граници на ЕУ бара спроведување на робусни и сеопфатни визни правила.
- Со новоусвоените одредби, сите барања за визи поднесени од државјани на Руската Федерација ќе бидат предмет на засилени процедури за верификација и зголемено ниво на контрола. Ова ќе придонесе за интегритетот и безбедноста на Шенген зоната, посочи Брунер.
Според одлуката на ЕК, отсега на руските државјани повеќе нема да им бидат издавани визи за повеќекратен влез, туку ќе мора да аплицираат за нова виза секогаш кога планираат да патуваат во ЕУ. Со ова, ЕУ очекува да се засили надзорот и контролата на оние кои аплицираат за виза, со што би се ублажил секој потенцијален безбедносен ризик.
Исклучок од ова правило се предвидува во „ограничени и оправдани случаи“, како што се апликациите од страна на независни новинари и заштитници на човековите права.
Оваа одлука се заснова на заедничката проценка од страна на земјите членки и следи по едногласното одобрување од нивна страна во рамки на Комитетот за визи, посочува ЕК.

