- По децении брутална диктатура, Сирија сега има шанса за изградба на држава на начин што ја одразува волјата на сирискиот народ, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во пресрет на денешниот настан.
Според неа, за остварување на оваа цел клучна улога има постоењето на безбеден, независен и активен граѓански сектор.
- Денешниот настан им овозможува на Сиријците да ги изразат своите мислења за иднината на нивната земја и да бидат слушнати нивните гласови. Поддршката на ЕУ за Сирија не е само со зборови, туку и со дела. ЕУ обезбедува 2,5 милијарди евра помош за да и помогне на земјата да се обнови, додаде Калас.
Еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица порача дека организирањето на „Денот на дијалогот“ ја одразува трајната поддршка на Европската Унија за инклузивност, помирување и безбеден и живописен граѓански простор во Сирија.
- Овој настан ја нагласува нашата подготвеност да ги придружуваме Сиријците на нивниот пат кон правда, социјална кохезија и мирна транзиција што никого не остава на страна, истакна Шуица.
Според еврокомесарката за подготвеност и справување со кризи, Хаџа Лабиб, организирањето на „Ден на дијалогот“ во Дамаск по 14 години конфликт, означува историска пресвртница за земјата.
- Сиријци од сите сфери на животот се здружуваат за вистински дијалог за тоа како да ја обноват својата земја. Сирија сега се наоѓа во клучен момент, полн со можности и одговорности, изјави Лабиб.
Таа нагласи дека ЕУ отсекогаш го поддржувала и ќе продолжи да го поддржува сириското граѓанско општество
- Ќе продолжиме и да обезбедуваме хуманитарна помош и поддршка за закрепнување на најранливите, онолку долго колку што ќе е потребно, како и да ја поддржуваме транзицијата на Сирија кон трајно економско зајакнување со што ќе се подобри секојдневниот живот на сите Сиријци, додаде Лабиб.
Во пресрет на денешното издание на „Денот на дијалог“, што првпат се одржува во Дамаск, ЕУ имаше подготвителни консултации низ цела Сирија во соработка со граѓанското општество и сириските транзициски власти.
Овогодишното издание на „Денот на дијалог“ ќе се фокусира на јакнење на сириското граѓанско општество и обезбедување на негова активна улога во мирната и инклузивна транзиција на земјата.
- Организирањето на „Денот на дијалог“ во Дамаск претставува значаен чекор во поддршката на ЕУ за безбеден, активен и независен граѓански простор во Сирија и показател на нејзината подготвеност да ги придружува Сиријците на нивниот пат кон помирување и социјална кохезија, се додава во најавата за собирот.

