Екс-партнерката на учесникот во нападите во Париз во 2015 година, Салах Абдеслам осомничена за „терористички заговор“

11.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Екс-партнерката на учесникот во нападите во Париз во 2015 година, Салах Абдеслам осомничена за „терористички заговор“

Во пресрет на десетгодишнината од терористичките напади во Париз од 13 ноември 2015 година, француското Национално обвинителство за борба против тероризмот (ПНАТ) покрена две нови истраги за терористички заговори против поранешната партнерка на првоосомничениот за париските напади Салах Абдеслам, Маева Б. 

Според бриселскиот весник „Соар“, во рамките на истрагите за „заговор за напад“ и за „криминален терористички заговор“, Маева Б. и уште две други лица биле приведени вчера и им е одредена мерка притвор до судењето. 

Обвинителството соопшти дека истрагите се покренати врз основа на сознанија за „дискусии водени преку дигитални медиуми за посебен план за насилна акција, неповрзана со Салах Абдеслам“, кој како учесник во нападите во Париз во 2015 година е осуден на доживотен затвор без право на условно ослободување. 

Постоењето на овие „дискусии“ е откриено при претрес на домот на Маева Б., спроведен откако кај Абдеслам бил пронајде УСБ стик, што таа му го предала. 

Според обвинителството, осомничената при сослушувањето признала дека „го набавила УСБ уредот, го наполнила со џихадистичка пропаганда и му го предала на Салах Абдеслам за време на посета“ во затворот.  

- Анализите на дигитални содржини покажаа дека тие главно се однесуваат на официјалната пропаганда на терористичките организации Исламска држава или Ал Каеда, соопшти Обвинителство, кое заклучува дека 27-годишната Маева Б. покажува „јасна радикализација и фасцинираност од џихадот“.  

Покрај, Маева Б. во рамки на истрагата се уапсени и нејзиниот 20-годишен сопруг и еден 17-годишен малолетник. 

Адвокатите на сопругот на Маева Б. изјавија дека нивниот клиент целосно ги негира обвиненијата против него и го обвинија ПНАТ дека со објавување на детали од истражната постапка „сериозно ја поткопува презумпцијата на невиност и го загрозува интегритетот на истрагата“. 

Во рамки на новата истрага, Абдеслам изминатава недела во два наврати биле одведен на сослушување во Обвинителството за борба против тероризмот. По сослушувањата, Обвинителството информира дека иако „се уште е радикализиран“, Абдеслам „не бил вмешан во никакво планирање на напад“.  

Ваквите информации ги потврдија и неговите адвокати, кои соопштија дека „правосудниот систем во никој случај не го сомничи дека, директно или индиректно, е вмешан во каков било криминален план“. 

Инаку, Абдеслам, кој е роден во Брисел во 1989 година, има мароканско потекло и покрај белгиско, има и француско државјанство. Покрај, на доживотната затворска казна во Франција, тој е осуден и на 20 години затвор во Белгија, поради учество во престрелка во Брисел.  

Серијата координирани терористички напади, што се случија во петокот на 13 ноември 2015 година во Париз, започна во 21:16 часот кога тројца бомбаши самоубијци се разнесоа пред стадионот „Стад де Франс“ во париското предградие Сен Дени за време на меѓународен фудбалски натпревар, откако не успеале да влезат на стадионот. Втора група напаѓачи потоа отвори оган врз неколку преполни париски кафулиња и ресторани, при што едниот од нив се саморазнесе со активирање на експлозивот што го носел на себе. Трета група терористи упаднаа во театарот „Батаклан“, каде стрелаа врз публиката, по што задржа дел од гледачите како заложници се до интервенцијата на полицијата. 

Во нападите загинаа 137 лица, од кои 90 во „Батаклан“, а 416 лица беа ранети, од кои речиси 100 сериозно. Од десеттемина терористи вклучени во нападите, седуммина беа убиени од страна на полицијата или се саморазнесоа. Двајца од напаѓачите беа Ирачани, додека останатите се со арапско потекло, но родени во Белгија или Франција. Дел од нив се бореле во конфликтот во Сирија, а во Европа се вратиле во налетот на бранот сириски бегалци. 

Одговорност за нападите презеде групата Исламска држава. Истрагата утврди дека нападите биле планирани во Сирија, а организирани од терористички ќелија со седиште во Белгија. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата