Членките на ЕУ спровеле само една третина од мерките за кои добиле европски пари од РРФ, заклучи Ревизорскиот суд

29.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Членките на ЕУ спровеле само една третина од мерките за кои добиле европски пари од РРФ, заклучи Ревизорскиот суд

Земјите членки на Европската Унија спровеле само околу една третина од мерките за кои им биле исплатени средства преку Механизмот за закрепнување и отпорност (РРФ) на ЕУ, создаден за справување со последиците од Ковид пандемијата, се наведува во извештај на Европскиот суд на ревизори.  

- Иако некои реформи почнаа да овозможуваат подобрувања, повеќето од нив беа одложени, а само мал дел од оние што досега се спроведени дадоа значителни резултати, се оценува во Извештајот. 

ЕУ во 2021 година го воспостави Механизмот за закрепнување и отпорност (РРФ), вреден 650 милијарди евра, наменет за финансиска поддршка за ублажување на последиците од пандемијата на Ковид-19 по економиите на земјите членки и за поттикнување на нивното одржливо економско закрепнување. За да добијат средства од РРФ, земјите членки на ЕУ мораа да се обврзат на спроведување на низа мерки и реформи во клучните сектори, со цел справување со сите или со голем дел од структурните предизвици што ги предизвика пандемијата. 

Според раководителката на тимот на ЕСА што ја спроведе оваа ревизија, Ивана Малетиќ, земјите членки на ЕУ не го искористиле целосно потенцијалот на РРФ и резултатите од него не се видливи. 

- ЕУ ги користеше парите за закрепнување од пандемијата како морков за земјите од ЕУ за да ги поттикне да преземат важни реформи во деловното опкружување, но резултатите од тоа главно се уште не се видливи, изјави Малетиќ. 

Во Извештајот се наведува дека ЕУ издала 82 препораки до своите членки за подобрување на нивните деловни опкружувања, како што се промоција на приватни инвестиции, олеснување на пристапот до финансии, поедноставување на даночните системи или намалување на регулаторното оптоварување, за што земјите изготвиле национални планови за закрепнување кои предвидуваа 157 реформи и 254 инвестициски проекти поврзани со овие препораки.  

- Преку реформи и инвестиции земјите членки во голема мера се справија само со околу една четвртина од препораките, а ниту една од нив не беше целосно имплементирана. Покрај тоа, околу половина од препораките беа само маргинално или воопшто не беа реализирани, оставајќи нерешени некои структурни проблеми, се вели во Извештајот. 

Ревизорите утврдиле дека седум отсто од препораките биле целосно игнорирани, како и дека не била спроведена ниту една мерка од околу една третина од препораките поврзани со реформи на пазарот на трудот. Со ова, според ревизорите, остануваат неисполнети едни од клучните цели на Механизмот за справување со сите или со значителен дел од предизвиците од Ковид пандемијата. 

Според ревизорите, мерките поврзани со реформи во законодавството главно биле спроведени, но ефектите од повеќето од нив во пракса ќе може да се почувствуваат дури за неколку години. 

- Во пракса, само околу една третина од завршените реформи покажаа значајни резултати во оваа фаза, па дури и тогаш, нивното влијание може да биде намалено поради краткиот временски рок на мерките, нивната слаба врска со предметната област или можноста за нивно враќање во првобитната состојба, се оценува во документот. 

Ревизорите констатирале и дека преземените мерки поврзани со деловното опкружување покажуваат напредок само во околу половина од случаите што биле опфатени со ревизијата. 

Во извештајот се додава и дека доцнело спроведувањето на повеќето од реформите во земјите што ги посетиле ревизорите, а над една четвртина од нив не биле завршени до април 2025 година, кога била финализирана ревизијата.  

- Бидејќи сите мерки во рамките на РРФ мора да бидат завршени до крајот на август 2026 година, понатамошните доцнења претставуваат ризик во однос на нивно завршување и постигнување на резултатите, се заклучува во Извештајот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата