- Утре во Египет започнува долгиот пат кон мирот. Меѓународната заедница е обединета во својата посветеност кон иднина во која Палестинците и Израелците ќе живеат едни покрај други во мир и безбедност, порача вчера Кошта пред заминувањето за Шарм Ел Шеик.
Според Кошта, првпат по долго време постои вистинска надеж за мир на Блискиот Исток.
- Надеж за ослободување на сите заложници, за прекин на огнот и неограничен хуманитарен пристап до Газа. Надеж за праведен и одржлив мир и посветла иднина, заснована на решението за две држави, истакна Кошта.
Тој нагласи дека нема да бидат заборавени ужасните настани со нападите на Хамас во Израел од 7 октомври 2023 година, кои, како што рече, никогаш не смеат да се повторат, но во исто време ќе се работи на помош за „обнова на Газа и за зацелување на раните“.
Како што најави Европскиот совет, предвидено е Кошта во Шарм Ел Шејк да присуствува и на церемонијата на склучување на Договорот за прекин на војната во Газа, кој ќе го потпишат Трамп и претставници на медијаторите.
Договорот е прва фаза од Планот за мир на Блискиот Исток, инициран од САД, Египет, Катар и Турција, чија цел е ставање крај на војната во Газа, воспоставување траен прекин на огнот, ослободување на сите заложници и овозможување целосен пристапот на хуманитарна помош до Појасот Газа.
- ЕУ е посветена да придонесе во процесите на транзициско управување, закрепнување и реконструкција за да се осигури дека „денот потоа“ ќе биде успешен, вклучително и со продолжување на поддршката за Палестинската автономна управа. Овие напори треба да го отворат патот за долгорочна стабилност, заснована на решението за две држави, при што Израел и државата Палестина ќе живеат една покрај друга во мир и безбедност, се додава во соопштението на Европскиот совет.