Американската војска им препорача на своите припадници стационирани во Германија да побараат помош од германските народни кујни и институции кои дистрибуираат храна на сиромашните поради недостаток на плати поради блокадата на буџетот, објавија денеска германските медиуми.
Администрацијата на американската армија стационирана на четири локации во Баварија им даде упатства на својата веб-страница на војниците за тоа како да се справат со недостатокот на плати, чија исплата е блокирана поради спор во Конгресот околу буџетот.
Меѓу другото, се споменуваат и германски добротворни организации како што е „Тафел“, кои дистрибуираат храна на сиромашните граѓани во сите поголеми градови.
Околу 37.000 американски војници во Баварија
Во моментов има околу 37.000 американски војници стационирани во Баварија. Исто така, се посочуваат апликации преку кои може да се добијат информации каде да се добие храна што е пред истекување.
Според германските медиуми, американскиот гарнизон Баварија во меѓувреме ги повлече овие упатства од својата веб-страница. Во изјава за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, американската војска тврди дека упатството било наменето за цивилните службеници, од кои има околу 11.000 во Баварија.
Сепак, истиот весник наведува дека Германија интервенирала со заем од околу 43 милиони евра за покривање на платите на германските граѓани вработени во американската војска. САД влегуваат во 38-от ден од таканареченото затворање, кое ја блокираше исплатата на платите на вработените во владата.

