Нов албум на Ед Ширан: Музиката може да се доживее со сите сетила

12.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нов албум на Ед Ширан: Музиката може да се доживее со сите сетила

 Британскиот пејач Ед Ширан, во соработка со американскиот бренд сладоледи „Ван Лeјвин“ (Van Leeuwen), го претвори својот претстоен албум во уникатен леден десерт.

Имено, осмиот студиски албум на Ширан - „Play“ излегува денеска, 12 септември, а заедно со тоа, четирикратниот „Греми“ добитник одлучи да им понуди на обожавателите и слатко задоволство инспирирано од неговото ново музичко дело. Почнувајќи од 10 септември, Ширан и њујоршката компанија го лансираа розовиот сладолед „Плеј пинк“ (Play Pink) којшто ќе се продава во ограничени количини. Исто како и обвивката на албумот, новиот сладолед има жива розова нијанса, но врската со музиката оди подалеку од бојата.

Пејачот претходно го опиша својот новиот албум како негово враќање кон „големиот поп“, а таа енергија, по сѐ, изгледа се одрази и кај сладоледот.

Новиот вкус носи и весела нота преку розова основа со вкус на пијалакот пунч, измешан со шмек на питаја и гуава. Сладоледот ќе биде достапен во продавниците на „Ван Лејвин“ во Њујорк - додека има залихи, всушност.

Ова, инаку, не е првпат „Ван Лејвин“ да соработува со познати личности. Брендот стекна углед и популарност со вакви проекти - соработуваа со Кајли Џенер за нејзиниот додаток од праска и манго претходно ова лето, а со Сабрина Карпентер - за сладоледот со вкус на еспресо во јуни лани. Соработувале и со НБА-ѕвездата Џими Батлер, како и пејачката Марен Морис.  

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата