Кралската ковница на пари на Велика Британија одлучи да му оддаде почит на фронтменот на „Квин“, Фреди Меркјури, со нови монети на кои е прикажан неговиот лик, за кои сестрата на музичарот рече дека многу би му значело. Новите монети го прикажуваат харизматичниот музичар на настап, со неговиот потпис. Кралската ковница на монети соопшти дека деталите на внимателно осмислените дизајни зборуваат за извонредниот талент на Меркјури.
40-годишнина од „Лајв Еид“
Вокалниот опсег од четири октави на пејачот е претставен со музичка нотација со линија што ги поврзува најниските и највисоките ноти, а работ на монетите е инспириран од металната нараквица што Меркјури ја носеше за време на неговиот настап на „Лајв Еид“. Некои од копиите се во боја, оживувајќи ја познатата жолта јакна на музичарот и неговата шарена енергија, пренесува ДПА.
Новата монета беше лансирана во годината што ја одбележува 40-годишнината од концертот на „Лајв Еид“ во 1985 година, како и објавувањето на соло албумот на Меркјури „Господин Бед Гај“. Од вторник, монетите се достапни за продажба на страницата на Британската кралска ковница - најприфатливата чини 18,5, а најскапата дури 9350 фунти.

