„Евровизија“ го одложи гласањето за Израел

14.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Евровизија“ го одложи гласањето за Израел

Учеството на Израел на „Евросонг“ се соочи со противење од некои земји-учеснички поради војната во Газа. Европскиот радиодифузен сојуз (ЕБУ) соопшти дека неодамнешниот развој на настаните на Блискиот Исток ја натерале да го откаже виртуелниот состанок за гласање по ова прашање, закажан за ноември. Се наведува дека учеството на Израел наместо тоа ќе се дискутира на состанок во живо во декември, иако не е јасно дали гласањето сепак ќе се одржи.

Оваа одлука доаѓа откако прекинот на огнот стапи во сила во петокот.

„По неодамнешните случувања на Блискиот Исток, извршниот одбор на ЕБУ (на состанокот на 13 октомври) се согласи дека постои јасна потреба да се организира отворена и лична дискусија меѓу своите членови за прашањето за учество на Евровизискиот натпревар за песна 2026 година. Следствено, одборот се согласи да го стави прашањето на дневен ред на своето редовно зимско генерално собрание, кое ќе се одржи во декември, наместо да организира вонредна седница однапред“, соопшти ЕБУ.

Сојузот минатиот месец објави дека ќе покани 68 земји-членки да го дадат својот став за тоа дали Израел треба да учествува на состанокот на Генералното собрание во ноември. Австрискиот национален радиодифузер ОРФ, којшто ќе биде домаќин на натпреварот в година, ја поздрави одлуката на ЕБУ.

Претходно, Шпанија, Ирска, Словенија, Исланд и Холандија известија дека би размислиле за бојкот на натпреварот следната година доколку Израел учествува. Холандскиот радиодифузер „Авротрос“ во меѓувреме извести дека нема да го промени својот став доколку се постигне прекин на огнот во Газа, пренесува „Би-би-си“.

Во септември, израелскиот национален радиодифузер „Кан“ го изрази својот став дека на земјата треба да ѝ биде дозволено да учествува, бидејќи Израелците се меѓу „долгогодишните популарни и успешни учесници на натпреварот“. Израел се пласираше на второто место на последниот „Евросонг“ во мај, а изведувачката Јувал Рафаел доби најголем број гласови од гласањето на публиката. Потоа, гласовите на жирито ѝ помогнаа на Австрија да биде прогласена за севкупен победник.  

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата