Вдовицата на Жота добива огромни пари од Ливерпул, Слот тврди дека тоа „не е нормално“

27.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Вдовицата на Жота добива огромни пари од Ливерпул, Слот тврди дека тоа „не е нормално“
фото: Football on TNT Sports (X)

Летните месеци му донесоа на Ливерпул тага каква што клубот одамна немал видено. Напаѓачот Диого Жота трагично загина на 3 јули во сообраќајна несреќа на северот на Шпанија. Со него животот го загуби и неговиот брат Андре Силва.

Двете смртни случаи длабоко ги погодија не само неговите соиграчи, туку и целиот град и фудбалската заедница. Триесетгодишниот фудбалер само неколку дена пред трагедијата се ожени со својата долгогодишна партнерка Руте Кардозо. Заедно одгледуваа тројца мали деца.

Диого Жота имаше уште две години од договорот со Ливерпул, вреден околу 14 милиони фунти. Неговата неделна плата изнесуваше околу 140.000 фунти.

По неговата смрт се постави прашањето како клубот ќе продолжи со исполнување на договорните обврски. Тренерот Арне Слот потврди дека клубот одлучил целосната вредност на договорот да му ја исплати на неговата сопруга и децата. Таков гест е реткост во светот на професионалниот фудбал.

Холандскиот стратег зборуваше за оваа тема, земајќи ја предвид чувствителноста на ситуацијата:

„За жал, моравме да доведеме еден играч повеќе отколку што планиравме. Затоа нашите трошоци беа поголеми отколку што посакувавме“, изјави Слот за TNT Sports. Тој нагласи дека клубот овој настан го доживува како исклучително болен не само во спортска смисла, туку пред сè во човечка.

„Начинот на кој реагираа навивачите… тоа беше нешто неверојатно. Цвеќе, споменици, сеќавања – секојпат кога ќе помислам на тоа, ме обземаат емоции“, додаде тој.

По смртта на Жота, пред „Енфилд“ спонтано беа поставени спомен-обележја. Навивачите носеа цвеќе, дресови и пораки со кои изразуваа почит и сочувство.

„Начинот на кој нашите играчи се однесуваа за време на погребот беше неверојатен. А потоа повторно тренираш, продолжуваш… Но сите се прашуваме: како се чувствува неговата сопруга? Неговите деца?“, рече Слот, нагласувајќи ја емоционалната димензија на трагедијата.

Тој додаде дека за семејството на починатиот фудбалер ова е болка што никогаш целосно нема да исчезне:

„Нашиот живот оди понатаму. Но за неговото семејство светот засекогаш се промени. Таа тага ќе ги следи до крајот на животот.“

Тренерот ја пофали и одлуката на сопствениците на клубот кои, според неговите зборови, покажале извонредна емпатија и одговорност.

„Сопствениците често се критикувани, исто како и тренерите. Но овој пат заслужуваат огромно признание. Одлучија да го исплатат целиот договор на неговата сопруга и деца. Некој можеби ќе рече дека тоа е нормално. Но во фудбалот тоа не е нормално“, изјави Слот.

Сеќавањето на Диого Жота стана дел од идентитетот на клубот. Му беше оддадена посебна почит на свечената додела на „Златната топка“ во Париз.

Ливерпул објави дека бројот 20, кој го носеше Жота, ќе биде повлечен од сите екипи. Навивачите го почитуваат на секој домашен натпревар пеејќи ја неговата песна во 20-тата минута.

До својата смрт, Жота играше за Ливерпул, Вулверхемптон, Фереира и Порто. За „Црвените“ одигра 182 натпревари, постигна 65 голови и забележа 26 асистенции.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата