Прославата на Јамал ја подели Шпанија: Дали младиот ас е премногу арогантен?

9.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Прославата на Јамал ја подели Шпанија: Дали младиот ас е премногу арогантен?
Фото: Барселона/Твитер

Ламине Јамал, играчот кого многумина го гледаат како наследник на Лионел Меси во Барселона, не престанува да го воодушевува фудбалскиот свет. Неговиот метеорски подем го направи едно од главните лица на спортот, а сега неговата нова прослава по гол, инспирирана од кошаркарската легенда Леброн Џејмс, предизвика вистинска бура во шпанските медиуми, пишува GiveMeSport.

Не помина многу време откако беше само еден од талентите во Академијата на Барселона, По добиениот повик во првиот тим, доживеа експлозивен подем и денес е ѕвезда на Барселона и на Шпанија. Минатата сезона за Барса постигна 18 голови и забележа 25 асистенции на 55 натпревари, а во оваа сезона започна со два гола и три асистенции на три натпревари.

Тој беше и еден од клучните играчи на шпанската репрезентација во походот кон титулата европски првак на ЕУРО 2024. Освен асистенцијата во групната фаза, асистираше и во осминафиналето, четвртфиналето и финалето, а беше стрелец во полуфиналето.

Навивачите досега се навикнати Јамал головите да ги слави покажувајќи со прстите „304“, поштенскиот код на населбата Рокафонда каде што порасна. Тоа беше емотивен гест посветен на неговите корени. Но, прославата се промени. Сега, откако ќе ја затресе мрежата, младиот напаѓач застанува пред камерите и симулира ставање круна на глава.

Овој гест е почит кон една од неговите најголеми спортски инспирации – четирикратниот НБА шампион Леброн Џејмс, кој слави на идентичен начин. Како Џејмс, кој со децении е заштитно лице на НБА лигата, и Јамал уште како многу млад беше означен како голема ѕвезда.

Сепак, не се сите воодушевени од новиот потег. Како што пренесува The Athletic, традиционалните шпански таблоиди сметаат дека 18-годишниот Јамал станал премногу арогантен и дека треба да се однесува попристојно. Извори блиски до играчот тврдат дека Јамал е свесен за медиумското внимание, но критиките не го погодуваат.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата