Неверојатно. Што нема да се стори за да се дојде до евро или долар повеќе. Имено ФИФА одлучи да продава паркинг места покрај стадионите за Светското првенство во 2026 година по цени кои се движат од 75 до 175 долари дневно по автомобил, што е повеќе од цената на многу билети на претходните Мундијали. За да биде уште потрагикомично, додека билетите за натпревари веќе ги срушија сите рекорди по високите цени, ФИФА истовремено лансираше и официјална страница за продажба на паркинг места, нова платформа преку која ќе заработат дополнителни пари на турнирот што ќе се одржи во САД, Канада и Мексико од 11 јуни до 19 јули.
Цените на паркирањето се следниве: во групната фаза и осминафиналето од 75 до 100 долари, во четвртфиналето до 145 долари, а во полуфиналето и натпреварот за третото место дури 175 долари. На пример, во Филаделфија, паркирањето за групната фаза чини 115 долари, а за осминафиналето, 145 долари. За споредба, билет за натпревар од групната фаза на Светското првенство во 2022 година во Катар чини 69 долари, помалку од паркинг место за Светското првенство во 2026 година.
sportmedia.mk

