Изненадувањето на вечерта во Лигата на шампионите се случи во Белгија, каде екипата на Бриж одигра 3:3 со Барселона,но реално имаше сериозни шанси и за победа. Домашните трипати водеа, Барселона трипати израмнуваше, а во финишот Бриж постигна и четврти гол по една грешка на Шчесни, но англискиот судија Ентони Тејлор го поништи поради наводен прекршок. За издвојување е дека ВАР претходно поништи уште еден гол за Бриж, а исто така Тејлор поништи и претходно досуден пенал за домашните.
Головите за Бриж ги постигнаа Тресолди и Форбс (2), додека за Барселона Торес, Јамал и Цолис (автогол).
Манчестер Сити дојде до очекувана победа на мечот со Борусија (Д). Момците на Пеп Гвардиола водеа со 3:0 со головите на Фоден (2) и Халанд, пред Германците преку Антон да намалат на 3:1. До крајот на мечот гостинските фудбалери притискаа, но Рајан Черки успеа да го потврди триумфот на домашните со гол во првата минута од судиското продолжение за конечни 4:1.
Интер потешко од очекуваното успеа да дојде до победа над Каират Алмати. Домашните поведоа со голот на Лаутаро на самиот финиш од првиот дел, а на почетокот на второто Каират со голот на Израелецот Арад израмни на 1:1. Момент на одлука беше 67. минута кога Карлос Аугусто успеа под нозете на противничките фудбалери да ја погоди гостинската мрежа за 2:1.
Виктор Осимен постигна хет-трик и му донесе победа на Галатадсарај на гостувањето кај Ајакс. Нигериецот најпрво погоди во 59. минута, а потоа Турците добија уште два удари од белата точка. Осимен беше сигурен и во двата наврати и го донесе Галатасарај до нова победа, овој пат од 0:3.
Без поголеми проблеми три бода запиша и Њукасл. „Страчките“ пред своја публика славеа со 2:0 над екипата на Атлетик Билбао. Откако првиот гол на Жоелингтон беше поништен, Брн погоди во 11. минута за 1:0, додека Жоелингтон во второто полувреме го зголеми водството и ја потврди победата.
Баер (Л) славеше на гостувањето во Лисабон. Единствениот гол за победа на гостите го постигна Патрик Шик. Со идентични 0:1 и Аталанта однесе победа од Франција на гостувањето против Олимпик Марсеј. Таму човек на одлука беше Самарџиќ со гол во 90. минута, откако претходно ВАР му поништи гол на Лукман, а во првиот дел Де Кетеларе промаши пенал за Италијанците.

