СРЕЌА ШТО ГО НЕМА: Оливер Спасовски е подобар премиер од Заев

25.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
СРЕЌА ШТО ГО НЕМА: Оливер Спасовски е подобар премиер од Заев

Техничката влада која сега има мандат ја добивме благодарение на изборниот процес и, во таа состојба, ни се случи епидемијата со корона вирус. Во техничката влада има само еден министер од опозицијата, Наќе Чулев министер за внатрешни работи, кој освен обезбедување на полицискиот час и изолацијата во вонредната состојба нема други надлежности па така оваа влада речиси во целост е на СДСМ и ДУИ.

Главниот збор, права и одговорност во оваа состојба го имаат министрите за здравство, финансии, економија и за социјални работи кои сите се од коалицијата СДСМ и ДУИ.

Кога по социјалните мрежи ќе се види како граѓаните ја преживуваат оваа состојба лесно забележливо е дека се исплашени, немаат доверба во власта и револтирани се до ниво на бес како при најавата за намалување на платата на јавниот сектор на ниво на минималец од 14.500 денари, немањето очекуван болнички капацитет, негрижата и непреземање мерки при влез на лица од странство откако е првот заразен констатиран а се заклучи дека тие се главните доносители на епидемијата, немањето сретства за заштита на лекарите и медицинскиот персонал, немањето заштитни мерки за граѓаните што го констатираше и претседателот на државата Пендаровски дека Македонија нема ресурси да се справи со епидемијата. Ресурсите се одговорност на владата.

Од Нова година премиер на оваа предизборна, техничка влада е Оливер Спасовски, дотогашен министер за внатрешни работи и, по се изгледа, дека сме имале среќа кога Зоран Заев го напушти премиерското место. Ги нема пропагандните празни зборувања карактеристични за Заев и демантите сам на себе утредента кои, во оваа напната состојба, јавноста би ја довеле до кошмар. Ги нема апсењата, заканите до судии и сите кои му стојат на патот. Ја нема нервозата и хаосот типични за секоја појава на Зоран Заев. Замислете само како тендерите би биле третирани од Заев во оваа вонредна состојба кога тој за се би одлучувал сам, и со каква брзина би се потпишувале законите кои се пожелни за партиските олигарси. Платите на над 100.000 административци веќе ќе беа скастрени. Засега, ова не го гледаме и би било добро да биде така до завршување на вонредната состојба и продолжување на изборниот процес.

Зоран Заев, претседателот на СДСМ, на самиот почеток на пандемијата имаше став дека изборите треба да се одржат, а кампањата да се води преку социјалните мрежи. Јавноста беше изрично против тоа. Во тие денови, кога почна епидемијата да се јавува и во Македонија, Заев се уште владееше и даваше наредби до техничката влада и не прифаќаше предлози од опозицијата, повеќе пати кажани и од претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски, дека мора итно да се изработи план и програма за економско менаџирање на кризата. Тоа беше зборувано пред три недели, во време кога се појави првата заболена од корона вирус.

Првите планови и предлози на Мицкоски за ставање фокус на економската криза поради епидемијата беа објавени уште на ТВ дуелот со Заев, на 28 февруари, на лидерската средба од 12 март и седум пати потоа на негови прес конференции и соопштенија на оваа тема. Конкретен и детално образложен сет мерки од ВМРО ДПМНЕ за контрола и решавање на економските последици од епидемијата е виден и на 14 март годинава. Овој план на Мицкоски од СДСМ, како и медиумите под контрола на партијата, беше критикувано поради што го загубивме времето за ефикасна реакција а потоа, на 18 март, Пендаровски објави воведување вонредна состојба.

Почнаа да се спроведуваат превентивни и репресивни мерки, забарана за вршење дејност во угостителството, туризмот, транспортот... а владата немаше соодветен план и програма за санација на штетите и држење на економските штети под контрола. Според нашите извори, во тое време почнуваат првите конфликти во владата, пред се помеѓу министерката за финансии Нина Ангеловска и вицепремиерката за економски прашања Мила Царова, а откако се виде дека времето ги гази и намерата на Оливер Спасовски да спроведува мерки според стручност, а не според наредби од Зоран Заев.

Пред само три дена претседателот на СДСМ Зоран Заев објави дека ќе се намалат платите на сите над 100.000 вработени во јавниот сектор на ниво на минималец од 14.500 денари. Беше кажано не како предлог, туку како одлука на владата иако Заев со владата нема никаква допирна точка. Јавноста, без оглед на партиска определеност и етничка припадност, ова го дочека на нож. Ботовите и платените пропагандисти од СДСМ се обидоа преку социјалните мрежи и нивните партиски портали да го поддржат Зоран Заев, да ја оцрнат и понижат администрацијата како “легачи“, “корумпирани“, “неписмени“ кои не ни заслужуваат поголема плата што дополнително го зголеми бесот на јавноста портив Зоран Заев и СДСМ. ВМРО ДПМНЕ веднаш се спротистави на таа одлука на СДСМ и Заев оценувајќи ја како незаконска, економски опасна и штетна за сите, па и за самата држава, а два дена потоа против неа се изјаснија и од ДУИ. 

Овој план на Заев беше објавен на 22 март. Три дена потоа владата ниту се огласува, ниту го спроведува ова што шефот на СДСМ го објави како одлука - на владата. Очигледно, Оливер Спасовски разбрал дека како технички премиер работи за државата. а не за партијата, и дека не е согласен во негов мандат да се донесуваат вакви непромислени одлуки кои, потоа, со години нема да можат да се поправат и санираат.

Три дена по најавата за кастрење на платите на над 100.000 луѓе во администрациајта Зоран Заев гостува во партискиот Слободен печат и зборува како таа одлука да ја кажал некој друг. Не се ни сеќава на своите зборови. Откако јавноста масовно му се спротистави, Заев очекува и да заборави на каков ризик и стрес истата јавност ја изложил. Сега Зоран Заев вели: “Државата е во драстичен пад на приходите кои на почетокот на април се очекува да бидат меѓу 30 до 40 отсто. Граѓаните се дома и не трошат, не работат објектите, транспортот е преполовен, не се движиме, не се плаќаат ниту сметки. Голем дел на производствените капацитети се затворени или хибернираат, затоа не се плаќа и данок кон државата. И ако за тоа не го подготвиме нашиот народ, тогаш сме голи популисти и само бркаме политички поени“. 

Ова се зборовите на Христијан Мицкоски, кажувани од 28 март па се до пред три дена при објавата на Заев за кастрење на платите. Заев сега го цитира Мицкоски, откако три недели го критикуваше и ги одбиваше неговите предлози, и откако загубивме повеќе од 20 дена живеејќи во тензии без план за решение. За тие 20 дена економските и финансиски штети заради непреземање мерки се големи, и тешко надоместливи. И утре да се тргне во спроевдување на тие мерки и планови кои ги предлага Мицкоски прашање е колку Заев и Оливер Спасовски, заедно со овие министри, имаат капацитет да ги спроведат. За да сработиш нешто треба и да знаеш, а не само да копираш туѓи планови. Заев вели сега сите бараат пари на заем од банките, и парите се скапи. Пред три недели, кога Мицкоски предлагаше итни мерки за економијата во кризава и парите беа евтини Заев и СДСМ го напаѓаа. Кој ќе ја плати разликата помеѓу тогаш евтините, а сега скапите кредити? Ние сите, или Заев и СДСМ?

Заев вели дека тој не и наредува на владата туку “како шеф на партија се бори на пазарот на гласови“.

Оваа констатација на Заев за пазарот на гласови секако ќе влезе во темната историја на македонската политика. Тој, конечно, и лично признава дека е трговец а не политичар. Дека гласовите ги купува на пазарот. Во демократијата гласачите се партнери на партиите, односно власта, и заедно со нив го делат ризикот од владеењето со право ако не се задоволни да го сменат својот став, својот глас. Доколку гласовите се купуваат на пазар гласачот трајно се одрекува од својот глас и влијание во полза на купувачот, сопственик на нивниот глас.

И после се, не е ни чудо зошто граѓаните во оваа состојба се исплашени, немаат доверба во луѓето кои се на власт и треба да ги решат нивните проблеми. Напротив, од проблемот како да ја избегнеме заразата ние влегуваме во поголем и помасовен проблем - како да ги спасиме работните места и егзистенцијата, а ова очигледно не е приоритет ниту за власта ниту за Зоран Заев. 

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата