Понеделнички

Живот под маски

22.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Живот под маски

Состојбата ни е вонредна. Сега и официјално. Вонредната состојба Пендаровски и Заев отпрвин ја ценеа за непотребна, шефот на СДСМ изјави и дека нема пречка изборите да се одржат, кампања можела да се тера и по социјални мрежи.

Вонредната состојба ќе ни врши работа но, тоа е мач со две страни. Лек за вакви кризи но, и сон за секој авторитарен, деспотски владетел. За жал, прво што се одлучи е именување десет свои судии. Второ, набавка на 50 респиратори од Бразил за која веднаш беше укажано дека е коруптивна. И тоа за само неколку дена од вонредната состојба. Се плашам дека ова нема да запре тука.

Како и да е, вонредната состојба е тука и добро е што ја има. Како што поддржувам и полициски час за вакви состојби и однесување. Ова под претпоставка дека нема да се злоупотребува за корупција, авторитарно владеење, набрзина носење закони за трговија со марихуана и слично, партиска чистка на опозицијата и медиумите. Вообичаено, со вонредна состојба се прави широка влада во која премиер е од постојната власт, а другите важни ресори: здравство, економија, финансии и социјала се делат со опозицијата што сега не е случај. Затоа, одговорноста за се што следи е на СДСМ. Особено во делот на економијата во која ВМРО, од секогаш, имале подобри решенија од СДСМ. Го читав постот на Фејсбук од Никола Груевски со совети на оваа тема и тоа е, благо речено, докторат за сегашнава министерка за финансии Нина од Групер и за Мила Цароска. Со нив работава е коцкање.

Живееме под маски, може само да се претпостави што има под маските.

Добро е што Македонија, макар и со задоцнување од две недели, донесе мерки за изолација затоа што тоа е модел кој императивно го препорачуваат Кинезите и Германците. А јас, и во оваа криза, најмногу им верувам токму на Германците. Тоа што гледано по број на жители имаме повеќе заразени отколку Албанија, Србија, Бугарија или Босна не мора да биде клучен факт за зафат на епидемијата, битно е и во која состојба се заболените. За нас најголем ризик е здравствениот систем.

Колку сега ќе ни значеше ако имавме нова Клиничка болница во Штип која требаше да биде готова пред две години? Тоа што заедно со приватните клиники сме имале вкупно 110 респиратори не е факт за пофалба на јавното здравство.

Речиси сите влади во Европа, како и на Трамп во САД, се плашат од последиците на оваа епидемија, како заради ширењето на зарзата така и за економијата на својата држава но, и за своите мандати ако после епидемијата стопанството им биде на колена. После големи кризи можни се и војни кои се почнуваат за да се преусмери загубата, стравот и гневот на граѓаните. Италија и Шпанија со оваа власт сигурно нема да тераат долго. Затоа, кога објавуваат прогнози, владите ги пумпаат бројките за да можат, потоа, да кажат дека епидемијата ја контролирале и се проширила под очекувањата. Кај нас властите проценија дека ќе заболат 2-3.000 луѓе што мислам дека е премногу. Тоа би била состојба полоша и од онаа во Италија. На нашите 3.000 заболени тоа се околу 90.000 заболени во Италија. Ако тоа се случи советувам цела влада со време да си резервира авион за Аргентина.

Ако некој работи над своите можности и дава се од себе во оваа ситуација тоа се здравствените работници на терен. Немаат техника, немаат доволно респиратори, немаат професионална заштитна опрема, немаат интервентни возила, немаат пристојна плата, дел од нив ни пари за бензин да дојдат на работа или за поштен ручек но, ја држат состојбата барем до сега под контрола.

Тоа нема врска со министерот Венко Филипче, напротив. Филипче не им обезбеди услови и логистика, не побара од владата да им се плати екстра надомест барем по 1.000 евра на секој директно ангажиран во епидемијата како во Албанија, ниту да им се зголемат платите како во Србија. Не побара ни помош со ангажман на доктори во пензија како во што тоа го прават во Германија, Унгарија, Србија, Чешка, Словенија, Данска... Ги остави сами на себе.

Кога сме кај Филипче. Ги замолувам јавриите од СДСМ и советниците на Зоран Заев да не создаваат смут со лажни вести и валкана пропаганда во овие времиња. И создавањето од Венко Филипче супермен на таа тема е валкана политика во време на национална криза кога таквите нешта се во најмала рака злоупотреба на чувствата на јавноста.

Венко Филипче не е супермен. Никаков херој не е, туку збунет човек кој не ја контролира ситуацијата и држи пресови како порт парол на кои дознаваме колку нови заболени има, и ништо повеќе од тоа. Дилетантизмот на Филипче отиде до таму што дава совет секој дома да седи во своја соба. Па, знае ли богатиот Филипче колку фамилии во Македонија имаат по четири соби дома?

Неговиот колега од МВР, Наќе Чулев, ги посети полицајците во Дебар, а Венко Филипче не го видовме таму меѓу лекарите и медицинскиот персонал. Он, на безбедна дистанца, држи пресови за статистика. Можеби ќе оди, ама покасно.

Таа пропаганда без покритие со глорификација на Филипче е провокацијата на другата политичка страна, по што се создава одговор. Тоа, сега, никому не е потребно. Власта треба да работи. Опозицијата треба да се занимава само со теми кои можат да помогнат на состојбата, да советува и укажува на подобри решенија и врши надзор над можна злоупотреба на вонредната состојба.

Сите сме на ист брод. Најголем дел од заразените вирусот го донеле од странство, никој не ги прегледал или однел во карантин, што е работа на владата. Прва на листата е директорката на кожната клиника Нина Цаца. Власта тврди дека нема одговорност за неа, никого не заразила?! Како го утврдија тоа, не знаеме. Но, фактот дека заради нејзиното непочитување на мерките 120 лекари и медицински персонал заминаа од клиниката две недели во карантин сред масовна зараза, кога се најпотребни, е и де факто и де јуре сериозна одговорност. 

Како што не е време за пропагнадата на СДСМ, не е време ни за објавите на Фејсбук против луѓето, нашинците кои работат по Европа и не по своја воља сега мора да се вратат овде, дома. Се труе нацијата која е веќе инфицирана. Читам една професорка од електро, М., како бара печките во железара да се користеле како крематориум за мртвите, да не ја ширеле заразата врз другите. Монструозно.

И ова ќе помине. Без паника, и почитувајте ги правилата за изолација, не е тоа измислено од Филипче туку од експерти што ја знаат работата. Гледам, во Грција, од сезонски грип до сега починале 95 луѓе, од корона вирус досега околу 15. Во сообраќајни несреќи во Македонија, ако не сте знаеле, гинат по 150 луѓе годишно, најчесто заради непочитување правила и пијанство. Корона вирусот нема да биде со таа цена но, заедничко им е – почитувај ги правилата и ќе биде ОК.

Не е корона вирусов толку закана по умирачка колку, заради екстремно брзото ширење и масовни заболувања со кои фирмите долго остануваат без работници и без работа. Мене повеќе ме плаши економската криза после вирусов. Вирусот е глобален, доаѓа па макар ти и херметички да ја затвориш државата или куќата. Работата е да нема жртви, или да ги има минимално. Ако сега не разбереме дека главни теми во едно општество се здравство и образование, тогаш сме поглупи од она што навистина сме. Италија ја плаќа токму таа цена, плус недисциплина.

Владата мора да најде пари за плати на сите вработени од фирмите на кои им е наредено да престанат со работа: угостителство, туризам, транспорт, школи, факултети, трговски центри... Тие престанале по наредба на владата, а не по своја воља. За останатите, најмалку 50% од платата и ослободување од придонеси и даноци почнувајќи од 1 март па се додека траат мерките. И тоа не дали владата сака, туку – мора! Буџетот е скоро четири милијарди евра, значи пари има. Во спротивно, фирмите пропаѓаат, даноци нема кој да плати, државата ќе колабира. Ако не го можат тоа, или не знаат како, нека заминат со време пошто има кој знае.

Затоа, наредбата на Зоран Заев до владата да земе пари од административните работници и да им даде по 14.500 денари на вработените во фирмите кои по наредба на владата не смеат да работат е – аматеризам и економско злосторство. Ширење на сиромаштијата како вирус. Тоа е префрлање на загубата од лев во десен џеб. Пари, не од плати на администрацијата, мора да даде владата од буџет! Преку Фондот за иновации доделија на свои партиски извршители 60 милиони евра, буџетот го кренаа на четири милијарди евра. Имаат пари, а грабаат од нас.

Секое евро со кое државата ќе се задолжи за решавање на економскиот дел од кризата мора да биде јавно, образложено и наменски потрошено. Мора да има комисија за надзор составена од експерти предложени од владата и од опозицијата за тие огромни пари, а владата најави 570 милиони евра задолжување само за почеток. Тие пари да завршат во стопанството и кај вработените. Ние сме редовно склони на корупција, а во вонредна состојба треба четири очи за надзор.

Него, да не заборавам. Луј Витон почнал да произведува посебени, кожни и дизајнирани маски против корона вирус. Испораки има и преку интернет.

(23.03.2020)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата