Холандија реши: НЕМА КАРАНТИНИ, ЌЕ РАБОТИМЕ И СОЗДАВАМЕ ПРИРОДЕН ИМУНИТЕТ

22.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Холандија реши: НЕМА КАРАНТИНИ, ЌЕ РАБОТИМЕ И СОЗДАВАМЕ ПРИРОДЕН ИМУНИТЕТ

Пораката што вечерва ја имам за вас не е лесна. Реалноста е дека коронавирусот е тука меѓу нас, и сега за сега така и ќе остане. Не постои брзо или лесно решение за оваа интензивно тешка ситуација, порачува холандскиот премиер во објавувањето на одлуката дека земјата ќе се бори против коронавирусот преку создавање групен имунитет.

Дел од неодамнешното обраќање до нацијата на холандскиот примери Марк Руте:

„Реалноста исто така е дека во претстојниот период голем дел од холандската популација ќе се зарази со вирусот. Тоа ни го кажуваат експертите во моментов.

Тие исто така ни кажуваат дека - додека чекаме развивање на вакцина или терапија - можеме да го одложиме ширењето на вирусот а во исто време да изградиме имунитет на нацијата на контролиран начин.

Дозволете ми да ви објаснам што тоа значи.

Секој што го имал вирусот обично потоа е имун на него. Исто како и сипаниците во минатото.

Колку поголема група стекне имунитет, толку се помали шансите за вирусот да се префрли на старите луѓе и на луѓето со претходни здравствени проблеми. Целта на групниот имунитет е да се изгради заштитен ѕид околу оваа група.

Тоа е принципот.

Меѓутоа важно е да се сфати дека ќе бидат потребни месеци, па дури и подолго за да се изгради имунитет на целата популација, а во меѓувреме ќе мора колку е можно повеќе да ги заштитиме високо-ризичните групи.

Ако ја земеме предвид големата слика, има три можни пристапи.

Првиот е: контролирање на вирусот колку што е можно повеќе. Тоа треба да доведе до контролирано ширење на вирусот меѓу најмалку ризичните групи.

Тоа е пристапот што го избравме.

Максимална контрола значи преземање мерки насочени кон намалување на пикот во инфекции и одолговлекување на инфекциите на подолг период.

Со преземање на овој пристап, во кој најголемиот дел од луѓето ќе имаат само благи симптоми, можеме да изградиме имунитет и да се осигураме дека нашиот здравствен систем ќе може да се справи.

Дека нашите старечки домови, сервисите за домашна грижа, болници и над се, инфективните оддели нема да бидат преплавени. И на тој начин да сме сигурни дека секогаш има доволно капацитет за да им се помогне на луѓето на кои тоа најмногу им е потребно.

Втората опција е едноставно да оставиме вирусот сам од себе да заврши.

Ако го направиме тоа, нашиот здравствен систем ќе биде комплетно преплавен со заразени, па нема да има доволно капацитет за ранливите стари луѓе и за други високо-ризични пациенти. И секако, тоа е сценариото кое мораме да го спречиме по секоја цена.

Третата опција е непрестајно да работиме на спречување на ширење на вирусот.

Тоа ќе значи комплетно затворање на сè во земјата. Таков ригорозен пристап може да звучи интересно, меѓутоа експертите тврдат дека нема да бидат во прашање денови или недели. Во ова сценарио ќе треба целосно да ја затвориме земјата на една година или подолго, со сите последици што тоа ќе го подразбере.

И дури тоа и да беше возможно во пракса - на толкав период да се натераат луѓето да седат дома и да смеат само со дозвола да излегуваат од дома - вирусот едноставно ќе може пак да се појави во моментот кога ќе ги укинеме мерките.

Холандија е отворена држава.

Додека не се направи вакцина, коронавирусот ќе продолжи да се шири низ светот, и нема да ја заобиколи Холандија. Сите совети што ги добивме и сите мерки што ги објавивме до сега, беа насочени кон првиот пристап: што е можно повеќе контролирање на коронавирусот. Од релативно едноставни совети да не се ракуваш со други, миење раце и држење дистанца од 1,5 метар, до долгорочни мерки како забрана за големи настани и затворање барови, клубови и ресторани.

Секако, ние постојано ја ревидираме ситуацијата.

Колку долго ќе биде потребно овие мерки да бидат на сила и дали повеќе мерки се неопходни ќе зависи од тоа како вирусот се однесува во следните недели и месеци. И од новите научни откритија, бидејќи истражувањето продолжува.

Можно е некои мерки да бидат отповикани, меѓутоа може ќе треба да се преземат и некои нови мерки за да се пречи ширењето на вирусот. Во претстојните месеци нашиот пристап ќе треба да се адаптира во зависност од потребите. Погодување на вистинскиот баланс меѓу преземање мерки што се неопходни и дозволување нормалниот живот да продолжи колку е можно повеќе.

Ако на овој начин го контролираме ширењето на вирусот, последиците врз јавното здравје ќе бидат полесни за справување.“

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата