Весник анализа

Трамп сака да ја уништи Европската унија! Во тек е третата фаза од нападот

18.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп сака да ја уништи Европската унија! Во тек е третата фаза од нападот

Администрацијата на Трамп не само што има антипатии кон ЕУ, туку и сака да ја уништи Унијата. Вака почнува статијата на "Guardian" за опасноста која на ЕУ и се заканува од нејзиниот долгогодишен сојузник од другата страна на Атлантикот.

Патувањето на американскиот министер за надворешни работи, Мајк Помпео во Европа минатата недела било трета фаза од овој напад, дизајниран да ја искористи поделбата меѓу источниот и западниот блок на ЕУ. Првата епизода на оваа кампања била говорот на Доналд Трамп во Варшава во 2017-та година, кој бил исполнет со нативистички национализам. Втората епизода било воведувањето на царини во 2018-та година и неговото раскинување на клучни меѓународни договори како Иранскиот нуклеарен договор и Договорот за нуклеарни ракети со среден дострел оваа година. 

Се од наведеното има многу конкретно влијание на Европа, за разлика од Твитовите на Трамп и навредите кои ги праќа до сојузниците, пишува "Guardian". Европа, меѓутоа, се обидува да пружи отпор. Ангела Меркел, омилената мета на Трамп во ЕУ, добила овации во саботата на годишната конференција во Минхен за својот говор за предностите на мултилатерализмот. Меѓутоа, можеби ЕУ допрва ќе дознае со што мора да се носи во новата ера на Трамп. Човекот кој сега шепка во увото на Трамп е Џон Болтон, неговиот советник за национална безбедност, а неговата анти-ЕУ идеологија била јасно видлива во текот на турнејата на Помпео, Будимпешта-Братислава-Варшава.

Трамп, Помпео и Болтон повторно ја фаворизираат "новата Европа"

Помпео направил две важни работи. Прво, ја искористил 30-годишнината од падот на комунизмот во источна Европа за да ја истакне американската блискост со земјите кои се избориле за слобода од Советскиот сојуз - додека во исто време им прогледал низ прсти на десничарско популистичките влади кои ЕУ ги опоменала поради поткопување на демократијата.

Друго, Помпео низ својот избор на дестинациите ја засилил поделбата меѓу земјите кои некогаш биле зад комунистичката "железна завеса" и оние кои не се. Тоа е итро манипулирање со чувствителноста на источните Европејци, со која дополнително манипулираат демагозите во тие земји, а која ја отежнува способноста на ЕУ да се обедини последните години".

Тоа до некаде потсетува на американската инвазија на Ирак во 2003-та година, околу која Европа се поделила, на основа на која тогашниот американски министер за одбрана, Доналд Рамсфелд ги измислил термините "стара Европа" или онаа лошата, и "нова Европа", добрата. Но, големата разлика во однос на денес е тоа што европскиот проект се мачи со одржување над површината, додека тогаш евро-оптимистите предвидувале дека ЕУ ќе "го води 21-от век".

Болтон уште во 2000-та година ја напишал статијата "Треба ли сериозно да се сфати глобалното владеење?", која ја објаснува американската стратегија денес. Тој текст може да се чита како водич низ плановите на администрацијата на Трамп за уништување на ЕУ, истакнува "Guardian".

Во текстот Болтон ги напаѓа глобалистите кои сакаат да ги врзат националните држави во мрежа меѓународни договори и норми кои го ограничуваат нивниот суверенитет. Демократскиот мандат може да постои само на ниво на нација, тврди Болтон. Попатно ги напаѓа невладините организации и цивилно општество кое "себеси се гледа над националната политика" и "неограничениот" распон на меѓународните институции. ЕУ, според Болтон, "е водечки извор на самостојни глобалистички политики", и закана за американските интереси.

"Европските елити не се задоволни само со пренесување на сопствениот национален суверенитет на Брисел, па тие одлучиле, всушност, да пренесат некои од нашите институции и норми ширум светот, правејќи на тој начин од ЕУ минијатурна претходничка на глобалното владеење", пишува Болтон во овој текст и додава дека ЕУ е обоена со очигледен Антиамериканизам. 18 години подоцна, Трамп ја нарекол ЕУ непријател на Америка, сместувајќи ја во иста категорија со Кина и Русија.

Токму Трамп, меѓутоа, направил повеќе да поттикне антиамериканизам во Европа од било кој друг американски лидер. Имајќи го ова во предвид, јасно е дека конвенционалните објаснувања на антагонизмот на Трамп кон ЕУ како трговски блок, заради зајакнување на американскиот извоз, и неговите лични антипатии кон Меркел, не ја пружаат целата слика. Всушност се работи за поширока идеолошка битка околу видот на глобалното владеење кое ќе го имаме.

Имено, погрешно е да се помисли дека администрацијата на Трамп нема идеологија, туку само комерцијални интереси. Иако ЕУ не може да им парира на САД на воен и економски план, Трамп и Болтон ја презираат. А тимот на Трамп посебно го иритира тоа што поголемите држави од ЕУ му се спротивставуваат на Вашингтон, на пример во воспоставувањето на новиот механизам за заобиколување на санкциите кои Трамп му ги наметнал на Техеран.

Помпео во своите говори често ја споменувал слободата и независноста на источноевропските нации, но ја премолчувал заслугата на ЕУ за тоа. Тоа повторно е во склад со ставот кој Болтон го изразил во својата статија од 2000-та.

"Сите Американци ја слават својата индивидуална слобода и сакаат и другите ширум светот да ја уживаат истата таа слобода", напишал Болтон, но додал дека ЕУ е "рубрика на човекови права раширена во разни димензии за да стане важен компонент од глобалистичките напори да ја посрамоти и ограничи независната примена на судските и политички овластувања на националните држави". Исто како што денес Будимпешта и Варшава му приговараат на Брисел за нивното гушење на независното судство, медиумите и цивилното општество.

Помпео во Будимпешта вечерал со Виктор Орбан, кој пред изборите за Европскиот парламент сака да ја измени Европа во склад со својата визија за "нелиберална демократија". Можеби Помпео и Орбан не се согласуваат околу Русија, но веројатно делат заеднички вредности. Посетата на Помпео била подарок за непријателите на ЕУ, како и дополнителен напад на самата егзистенција на ЕУ, заклучува "Guardian". Европа по Втората светска војна се кренала на нозе благодарение на американската воена заштита и економска помош. Денес ЕУ се соочува со паралелна политичка офанзива од Вашингтон и Москва, не само поради тоа што го прави, туку и поради тоа што е. Колку побрзо Европејците сфатат, толку подобро.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата