ВОДИЧ ЗА ШМИНКЕРИ: Cartier, карта за високо друштво

9.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ВОДИЧ ЗА ШМИНКЕРИ: Cartier, карта за високо друштво

Револуционерното обликување на накит, збогатено со креативноста и оригиналниот дизајн, се основните карактеристики на повеќевековната работа на славната и респектирана куќа Картие

Куќата Картие е основана во Париз 1847 година. Ја создал Луи Франсоа Картие кога од својот учител Адолф Пикард ја презел златарницата која во тоа време се наоѓала на адреса 29 Руе Монторгуеил. Тука започнува приказната за најпознатиот накит во светот. По повеќегодишна работа во 1874 година Луи работата му ја препушти на својот син Алфред.
Алфред Картие ја преселува компанијата на улицата Руе де ла Паиџ 13, до славниот хотел Риц и со тоа им се доближува на водечките светски златарници. Тоа бил вистинскиот и добро промислен потег на младиот наследник.

Работата преминувала од колено на колено, за подоцна да ја наследат неговите синови кои продолжуваат со традицијата на успешна и врвна работа. Најстариот син Луи од Алфред го презел партнерството во 1898 година и набргу својот Картие свет го приближил до оној на браќата Пјер и Жак кои отвориле подружници во Лондон и Њујорк. Браќата го пропатувале целиот свет во потрага по најквалитетни бисери, полудраги и драги камења. Секое нарачано парче накит од куќата Картие од страна на самите креатори детално, со описи и цртежи е забележано и архивирано, заедно со податоците за сопственикот.


Низ вековите на врвот

Накитот на оваа славна куќа можеле да си го дозволат само навлијателните и најбогатите луѓе на тоа време, а овој факт се нема сменето ниту денес. Една од честите клиенти е и британската кралица, која често пати е сликана со дијаманти Картие во својата тиара.
Интересен е фактот дека Картие за прв пат во историјата употребил платина како врзувачки материјал. Извлечена како најтенка нишка, била употребена за накитот кој се креирал за британското кралство во 1908 година и во кој бил вграден дијамант од Африка, тежок 530,2 карати, под името Голема ѕвезда. Негови клиенти стануваат најмоќните луѓе во тоа време. Една од неговите славни клиенти била и сопругата на Наполеон Трети.

Часовници


Историјата на Картие е обележана и со изработката на часовници кои и ден-денес се сметаат за класика-Сантос (1904), Багноир (1912), Танк (1919) и Пасха (1932). Танк бил дизајниран во чест на командантите на тенковските единици кои и помогнале на Франција во Првата светска војна. Во 1904 година Луи Картие го дизајнира и првиот часовник со кожна нараквица за својот пријател, бразилскиот авијатичар, Алберт Сантос-Думонт. Часовниците на куќата Картие и денес се наоѓаат на самиот врв на модната индустрија. Во 1906 година оваа куќа го создава првото парче Арт-Деко накит користејќи апстрактни и геометриски форми.

Подеми и падови
Но, како што се има свои подеми и падови, така и куќата Картие во Првата светска војна почнува да чувствува значаен пад на потребата за накит, а со тоа секако и продажбата на драгите камења. Со збогатувањето на новите воглавно американски индустријалци, се променил и слојот на луѓето кои можеле да си дозволат вакви скапоцености и накитот почнал послабо да се продава. Дури и денес, многу холивудски ѕвезди само го позајмуваат накитот на оваа куќа за доделувањето на наградата Оскар или некој поголем филмски фестивал, премиера или некое гала случување.

Тиари
Во почетотот на столетието, се зголемува популарноста на тиарите и куќата Картие во тоа време забележува продажба од 2 до 3 тиари неделно, што денес е незамисливо. Една од тиарите создадени во тоа време содржела дури седум големи смарагди а наречена е по нејзиниот поранешен сопственик Леедс-МцЦорницк. Освен британската кралска куќа, и руската исто така била голем љубител на тие парчиња накит, а меѓу нив особено Катарина Велика. Тиарите можеле да се носат и како ланчиња, со преобразување на брошот во приврзок (преспојување). Тоа бил обид на куќата Картие да се прилагоди на купувачите и нивната намалена куповна моќ.

Уште еден интересен податок е поврзан со оваа популарна куќа на дијаманти. По потонувањето на Титаник, најбогатите своето жалење за најголемата трагедија на тоа време го покажувале со купување на црно-бел накит со оникс и горски кристал. Тоа бил почетокот на едно ново доба - копирањето.
Оригиналниот накит, богат со благородни камења, постепено ги замениле верни копии на кои цело царство изградила куќата Диор, која и го започнува периодот на кристали.

Куќата Картие се обидува со текот на времето да се прилагоди на новиот тип потрошувачи и започнува со производство на линија парфеми, очила, часовници по кои и денес е позната, порцелан, цигари, свилени модни додатоци и поевтин накит.
Она што оваа куќа ја задржа на врвот сите овие години е врвната креативност и квалитет на секој поединечен предмет кој излегува од неа. Со влез во третото столетие, Картие се уште останува на врвот, единствен и неповторлив.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата