На дури една третина од набавките имало само една понуда.Просечниот најголем удел на еден понудувач во вкупните тендери на една институција изнесува 25%, исто како и претходната година. Само кај две институции овој удел е повисок од 40%, што се смета како праг за концентрација.Речиси една третина од тендерските документации на анализираните институции содржат дискриминаторски елементи што можат да ја ограничат конкуренцијата.
Секој четврти тендер на анализираните институции бил поништен, а процентот на целосно или делумно поништени тендери кај одделни институции се движи од 0% до 77%.Повеќе од половина од институциите ја користеле постапката со преговарање без објавување оглас. Ваквите договори учествуваат со 7% во вкупната вредност на договорите на институциите.Две третини од институциите немаат воспоставено интерен систем за следење на реализацијата на склучените договори за јавни набавки.Ова го покажува најновото годишно рангирање на министерствата, секретаријатите и Собранието според транспарентностa, отчетностa и интегритетoт во јавните набавки на Центарот за граѓански комуникации.
Главните наоди на анализата вклучуваат:
»Просечното ниво на исполнување на критериумите за транспарентност, отчетност и интегритет во целиот циклус на јавните набавки кај министерствата, владините секретаријати и Собранието на РМ е 53,6% (од максимално можни 100%) и во однос на лани (51,7%) има само мало подобрување.
»Најдобро рангирани се оние институции што трошат најмалку пари. Шесте највисоко рангирани институции, всушност трошат најмал дел од парите за јавни набавки, односно 15% од вкупните средства што ги потрошиле опфатените институции.
»Спротивно на ова, двете институции со најниска процентуална исполнетост, трошат дури 39% од вкупните средства за јавни набавки. Од нив, најниско рангираната институција – Министерството за образование и наука, има и најголем обем на набавки.
Според истражувањето, ниту една институција нема методологија, упатство или сличен документ врз чија основа се пресметува проценетата вредност на набавките. Реализацијата на плановите за јавни набавки е влошена. Просечниот процент на реализација на плановите за 2017 година е 62%, наспроти 65% за претходната година. На ниво на институции, најниската реализација на планот изнесува 21%, а највисоката 87%.
Само две институции ги објавуваат на своите веб-страници огласите за јавните набавки, известувањата за склучените договори, како и самите договори и нивните анекси, додека ниту една не објавила известување за реализиран договор за јавни набавки.
,,Расте бројот на тендери со поразумни рокови за прибирање понуди од законски минималните. И годинава, просечниот број понуди кај анализираните институции од 3,09 е понизок од националниот просек (3,33).Просечниот удел на доставени жалби од фирмите во вкупниот број огласи на анализираните институции е 4,6%, што е повисоко од националниот просек (3%). Во однос на претходната година (6%), уделот на жалби е намален.Две третини од институциите одговориле на барањата за слободен пристап до информациите во максималниот законски рок од 30 дена”, се вели во анализата.
извор: Makfax