Овде и сега

Балкански перспективи

20.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Балкански перспективи

Предлогот на Макрон за промена на политиките за проширување на Унијата, ја отвори Пандорината кутија во поглед на земјите на кои европската перспектива им е приоритетна цел. Во суштина, она што беше посочено од француска перспектива во поглед на нон пејперот, дефинитивно за земјите од Западен Балкан не претставува никаква надеж за побрзо завршување на процесот за интеграција. Новата парадигма која ја наметна Франција, за државите аспиранти значи враќање на почеток и огромни главоболки на внатрешно-политичката сцена.

Во рамките на Европската унија, оваа француска тенденција предизвика разногласие кое највпечатливо го изразија Италија, Австрија, Чешка, Полска, Словенија и Словачка кои застанаа зад досегашниот официјален став дека евроинтегративниот процес за земјите аспирантки, треба да продолжи според претходно утврдените правила.

За нив, останува уверувањето дека Европа не може комплетно да се консолидира без при тоа да не ги вклучи во својот административен организам земјите аспиранти. Во втората половина од деветнаесетиот век, Бизмарк сметаше дека: „оној кој ја контролира Вардарската долина, тој е господар на Балканот“, од тие причини, конзистентната германска надворешна политика, се наѕира позади реакцијата на шесте членки, кои во рамките на Советот за општи работи, отворено се спротивставија на обидот на Франција, за стопирање на евроинтеграцискиот процес.

Во секој случај, гледано од една поширока перспектива, јасно е дека после долго време, Европа конечно има јасен став во поглед на нејзиниот „варварски приврзок“ и дека политиката на „морковот и стапот“ на фундаменталниот партнер на создавањето на овој мировен проект, во случајов Франција, стана појасна и истата одлучи поотворено да ги искаже своите согледувања во поглед на потребата од проширувањето.

Од тие причини, сметам дека овој став има најголема врска со геополитичките прашања и истиот го одразува традиционалното гледиште на француската хегемонија, кое е директно поврзано со турското (не)интегрирање. Вториот важен сегмент во оваа смисла е секако интересот и активностите на САД во регионот на Западен Балкан, како и новата експанзионистичка ера од страна на Русија и Кина. Гледано со поситна диоптрија, она што беше наметнато како „неопходност“ во поглед на внатрешните прашања на Република Македонија и Република Албанија, а особено огромните жртви кои бевме принудени да ги направиме се со цел да добиеме шанса за старт на преговорите, се покажа дека не вреди ништо и истото е сосема небитно во поглед на поголемата слика во која ние никако не се вклопуваме.

Од тие причини, редно е и ние да почнеме да размислување на начинот на кој функционираат европските традиционални држави и да се зафатиме со ревитализација и опоравување на внатрешниот поредок. Во таа смисла, редно е да го замениме пристапот на сервилност кон европските партнери и да добиеме владини претставници со ‘рбет и со волја за подигнување на државните интереси, за сметка на досегашната пракса каде се соочувавме со раководства кои од почеток до крај се грижеа само за сопствените стомаци. Во поглед на балканските перспективи, во оваа смисла, добро е и да се потсетиме на митот за создавањето на Европа и да извлечеме поука за тоа каков треба да биде нашиот пристап доколку навистина сакаме да станеме дел од неа.

За потсетување: „Европа со насилство дошла на полуконтинентот Европа. Митот говори дека Зевс насилно ја грабнал оваа феникиска принцеза, преобразен во бел бик и  на тој начин ја донел на Крит“. – Митот говори за потеклото на Европа, за нејзиниот зачеток и за нејзиниот пристап. Насилството, странците и мудроста на Истокот, се трите базични компоненти кои ја создадоа европската историја и истите се повеќе од само приказни и митолошки претстави. Или со други зборови, прасопственоста или правото да се биде дел од европското семејство, всушност е повеќе од правото на две закрвени империјални држави, кои по милионски жртви и вековни страдања го започнаа овој проект за помирување. Земјите од Западен Балкан, мора да го сменат пристапот во поглед на Унијата.

За Република Македонија, ова значи нова шанса за обнова на внатрешниот поредок, преку која е возможно во наредиот период да се искорнеме од бесперспективноста која ја инфицираше и ја разори целокупната општествена стварност. Само на таков начин верувам дека ќе се здобиеме со можноста да ги потсетиме нашите европски партнери во ургентноста од проширувањето и ќе ја смениме европската диоптрија кон нашиот регион, која во суштина е ужасната од кохезијата помеѓу христоцентричниот традиционален пристап и микстурата на православието и исламот. Вреди да се обидеме.

Иванка Василевска, Универзитетски професор (20 ноември 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата