Овде и сега

Западен Балкан: Старата парадигма со ново руво

13.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Западен Балкан: Старата парадигма со ново руво

Регионот познат како Западен Балкан деновиве стана повторно актуелна тема на меѓународен план. Познато е дека државите кои го сочинуваат се борат за европерспективата и истите се опкружени со држави-членки на Европската унија.

Како своевидно предворје на Европа, регионот изминативе триесетина години, беше под активно влијание на САД, кое последниве четири-пет години, стана уште поинтензивно откако тука стана визибилен геостратешкиот интерес на Русија, Кина и на Турција. Но, иако враќањето на руското присуство во партнерство со нерегулираниот инвестициски бум од Пекинг и зачинет со меката исламска линија од Анкара, од некоја за нас „непозната причина“ за европските партнери овој растечки тренд на Евро-Азиската унија, не претставува доволен индикатор за сериозно отпочнување на преговори за прием на државите од регионот наречен Западен Балкан.

Дури и обратно, евидентно е дека нашите држави се сѐ помалку предмет на интерес на нашите партнери од Европа и повторно, мошне слично како помеѓу двете светски војни, сме оставени на неизвесното и мошне проблематичното меѓусебно регионално поврзување. Овие индикатори, отвараат неколку сериозни прашања кои нашата трома и мошне неинвентивна дипломатија како да ги пренебегнува и како да ги става по страна, лаконски и инфантилно убедувајќи не дека „тие“ не се надлежни да размислуваат во таа насока и топката ја префрлаат на Калето, каде веројатно повеќе и не ги повикуваат за сериозни прашања освен кога треба да ги нагостат и напијат по протоколарен ред.

Но, бидејќи овие процеси се навистина од приоритетно значење и за нив не е од никакво значење кој ја претставува извршната власт, туку што е предмет на интерес на големите сили во оваа нова геополитичка констелација, ценам дека треба да се земат во предвид барем најосновните аспекти на оваа ситуација. Првенствено, на сите ни е кристално јасно дека стабилноста и безбедноста на регионот Западен Балкан се единствено можни само под чадорот на Европската унија. Јасно е дека со европското интегрирање на Република Македонија, Република Албанија и Република Србија, границите на нашите држави ќе станат во исто време и стабилни и проодни.

Тоа ќе значи дека  злодусите од минатото и антагонизмите кои ги предизвикуваат концептите за Голема Бугарија, Голема Србија или Голема Албанија ќе испукаат како меури од сапуница бидејќи оваа интеграција ќе биде во корист на сите и секој ќе може да се движи на пазарот на трудот и да создава подобар живот, да биде во комуникација со своите роднини и пријатели, без при тоа да се наруши интегритетот и суверенитетот на ниедна од нив. Секое пролонгирање на овој процес, ќе создаде се посилно да бидат изнесувани секакви иридентистички тенденции, кои во најголема смисла својот негативен одраз ќе го искажат во Република Македонија.

Од тие причини, навистина на долг рок Макроновото „не“ е сериозна историска грешка, како што кажа и самиот Јункер. Каква е суштински во оваа смисла концепцијата на францускиот претседател? – Пред се, неговиот став е разграничен во два основни пунктови, едниот е технички, а другиот е стратешки. Доколку истиот мониторинг е возможно да биде применет на некоја од постојаните држави-членки на Европската унија, нема да зачуди и таму да се пројават сериозни технички индикации за отстапување од принципите на европското семејство. Тоа е неоспорен факт и истиот не носи кон стратешкото негирање од страна на Париз, а во поглед на отпочнувањето на преговорите за пристапување кон Европската унија, на Република Македонија и Република Албанија.

Оваа позиција на Франција, говори во прилог на враќањето на нејзините позиции од пред еден век, кога истата со залетот на Версајските одлуки, ги креираше Малата Антанта од 1924 и Балканската Антанта од 1934 година. Овој, би рекла, „технички триумф“ на француската доминација на Балканот, не преживеа ни еден претседателски мандат и истата беше срушена уште со нацистичкиот аншлус на Австрија.

Денес, во позиција кога не постои ни минимална можност за било какво Британско влијание на европско тло, отворениот гард на канцеларката Меркел наспрема „принципиелната нелогичност“ на Макрон, го доведува во прашање животот на милиони луѓе кои живеат во регионот Западен Балкан.  Во оваа смисла, треба да се има во предвид дека на ниво на Европската унија е започнат процесот на креирање на нов пристап во внатрешна и во меѓународна смисла. Денес ни е на сите јасно, дека Франција се залага за еден сосема нов пристап во поглед на Европската унија.

Во суштина, во овие големи игри на троновите, се создава новиот концепт за пренамена на доминацијата на Берлин, кон Париз и тука во оваа констелација, помошниот терен за пробна игра е повторно на сцена регионот на Западен Балкан. На овие тенденции, најгласен противник во моментов е Унгарија. Тоа е можеби и скриената мотивација на Макроновата стратегија за прием на овие држави во Европската унија, бидејќи на тој начин, Орбан би добил своја позадина и би требало одново да ја редефинираат евроцентристичката стратегија со земјите од поранешниот источен блок.

Сето ова не нѐ доведува до некаков краен заклучок, но, треба да се знае дека европските темелни вредности во голема мера се ставени под прашање, а старите историски тенденции, некако повторно стануваат актуелни само преоблечени во ново руво...

                                                                                                            (продолжува)

Иванка Василевска, Универзитетски професор (13 ноември 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата