НОВА ГАРДА: ЈАНКО БАЖДАВЕЛА, ТИМ "ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА"

Мицкоски понуди визија која не можев да ја одбијам

6.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мицкоски понуди визија која не можев да ја одбијам

Јанко Баждавела стана дел од тимот за „Обнова на Македонија“, како стратешки соработник за напредни технологии и аналитика, кој го води лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во ексклузивното интервју за Вечер.мк, Баждавела вели дека дома потешко се брани Македонија, отколку однадвор.

Македонија, за жал, сè уште не го живее својот вистински потенцијал, но никој подобро од нас самите нема тоа да ни го овозможи, објаснува 38-годишниот Баждавела, кој од Скопје, преку Белфаст, стигна до Њујорк и Париз, постојано надополнувајќи го своето образование, како и кариерата. Почнува во Сеавус Македонија, за да стигне до менаџер за истражување и развој на три земји во групацијата. Потоа оди во Thomson Reuters, следува Amplify Education, Inc, Olapic, Inc,  и сега е во The Corcoran Group New York каде што ги води глобалните тимови за производство, дизајн и инжинерство. Во интервјуто за Вечер.мк зборува и за својата визија за Македонија, а посебно им се обраќа на младите луѓе.

 


 

 

  • Што беше пресудно да се вклучите во тимот за Обнова на Македонија”, кој го води лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски?

- Со Христијан Мицкоски се познаваме повеќе години. Уште од самиот почеток кога се запознавме, беше очигледно дека сме на иста линија кога се во прашање основните принципи за Македонија, но тоа што ми се допадна посебно е што најголемиот дел од времето го поминавме дискутирајќи идеи и начини како можеме да и помогнеме на државата и што би можеле да направиме за да се унапреди животот на сите граѓани. Христијан беше одлучен да се најде, ангажира, и мотивира нашиот потенцијал каде и да сме во светот. Ова беше за мене пресудно за да се вклучам во тимот.

  • Повеќе од деценија живеете и работите надвор од Македонија. Еднаш решивте да заминете, сега решавате да се вклучите во Обновата на родната земја”. Која одлука ви беше потешка? 

- Пред да се преселам во САД, имав привремен работен ангажман во Белорусија, и оттаму прифатив привремен ангажман во Њујорк којшто се продолжи еднаш, па два пати и така, полупланирано полунепланирано останав тука во САД. Одлуката не беше лесна, а меѓу другото и си ветив дека ќе направам сè за да оддржувам контакти со блиските и Македонија, што повеќе можам. Одлуката да се вклучам во Обновата за мене беше многу природна и ја прифатив со огромен ентузијазам.

  • Дали е потешко да се брани Македонија надвор или дома? 

- Би бил среќен еден ден да можам да кажам дека е потешко однадвор, но, за жал, мислам дека е дефинитивно потешко дома - но се надевам, не за долго. 

Една од добрите работи да се биде надвор во високо развиена држава и средина е можноста да се промовира Македонија во светот, да се развијат вештини, и стекнат искуства коишто потоа можеме да ги примениме дома. Исто така, се дава и можност да се видат други перспективи коишто би било малку потешко да се видат од дома.

  • Вклучувањето во Обновата на Македонија” значи дека имате визија во кој правец треба да се развива иднината на земјава. Која е вашата визија? 

- Мислам дека многумина од нас имаат визија за Македонија како демократски развиена, економски стабилна, држава што го мобилизира целокупниот потенцијал на граѓаните за развој на сите сегменти во општеството, во којашто сите би гледале иднина, а каде што државните органи, во вистинска смисла, ќе се сервис на граѓаните. Јас ќе дадам сè за да придонесам кон оваа визија, во рамките на моето искуство и можности.

  • Која е првата работа која ќе ја преземете како стратешки советник во тимот за Обнова на Македонија”?

- Најпрвин да се екипира целиот тим, да седнеме и да дискутираме за сите потенцијални идеи и проекти со Христијан Мицкоски и тимот за Обнова. Да селектираме неколку најважни за коишто мислиме дека ќе имаат значителен придонес кон остварување на визијата, а тоа е Обнова на Македонија. За мене, исто така, е многу важно да го чујам мислењето на останатите членови од тимот, затоа што мислам дека нивните перспективи ќе помогнат да направиме подобра верзија од која било идеја или проект.

На пример, замислeте кога би можеле да добиете каква било услуга од која било јавна администрација или служба седејќи комфорно во вашата дневна соба, во рекордно време, без да се појавите на ниту еден шалтер? Замислете кога со помош на вештачката интелигенција би можеле значително да го намалиме сообраќајниот метеж или поефикасно да ја користиме енергијата? 

Замислете што сè би можеле да направиме со целото време и ресурси кои, со ова би ги заштедиле? Ова се само дел од идеите и проектите коишто мислам дека не само што се реални, туку дека имаме и потенцијал да ги реализираме.

  • Дипломец сте на Електро во Скопје, а потоа го надополнувате образованието и во сферата на бизнисот. Една диплома не беше доволна да се заврши циклусот на учење?

- Јас силно верувам во континуирано образование и надградба, и следејќи го темпото со коешто се менува светот денес, мислам дека ова е еден од најефикасните начини да се остане релевантен во својата професионална сфера. Како што мојата кариера еволуираше од главно техничка кон повеќе бизнис и менаџмент во технологија, паралелно со работата, континуирано се едуцирав во релевантните сфери. Моментално, студирам Иновации и претприемништво на HEC Paris, што се смета за една од најдобрите бизнис школи на светот.

  •  Над 70% од младите се со една нога на факултет, а со другата во странство. Што ги советувате младите, бидејќи вие имате и домашно и искуство надвор од Македонија? 

- Треба да веруваме повеќе во себе и во нашиот потенцијал. И иако често мислиме дека не можеме да направиме промени и дека други (сили) ни ја кројат судбината, и тоа како можеме, и тоа како ќе ги направиме тие промени. Македонија, за жал, сè уште не го живее својот вистински потенцијал, но никој подобро од нас самите нема тоа да ни го овозможи.

  •  Кој е Јанко Баждавела приватно

- Живеам во Њујорк повеќе од девет години, оженет, а пролетва ни се роди и ќерка. Досега, доаѓам во Македонија барем два пати годишно, а, за среќа, имам и феноменална фамилија и друштво со кои се чувствувам како никогаш да не сум отишол. Во Њујорк уживаме најчесто во разноликоста на културните настани, имаме доста интернационално друштво, а и кулинарските понуди се неверојатни, можеш да пробаш храна буквално од целиот свет. Гужвата во градот ја избегнувам одејќи со велосипед на работа секој ден, лето и зима. Велосипедот и играњето тенис еднаш или два пати неделно ми се моментално главните спортски активности.

 

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата