Овде и сега

Заробена генерација

24.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Заробена генерација

Често се споменува дека раните 90ти, беа времето исполнето со ентузијазам и нова енергија. Претходната декада, можеби и нешто порано, се создаде генерацијата која беше либерализирана, особено во поглед на широкиот светоглед и поимањето на животот. Новата либерална пролет во македонското општество ја донесоа неколкумина интелектуалци и дузина слободоумни, млади креативни умови кои веруваа дека е возможно амбициозниот, но доста разнишан југословенски проект, да се преточи во слободна, суверена, самостојна и независна Република Македонија!

Ние, кои свесно расневме во оваа декада, барем поголемиот дел од нас, исто така веруваме дека можеме да ги зачуваме вредностите на доброто воспитание, да се усовршуваме и унапредуваме, по моделот на сега веќе одамна раскрчмената југословенска средна класа, а притоа да придонесеме за зајакнувањето на националното единство и за подобрување на животните услови во својата татковина. Да се биде Македонец, во Република Македонија, беше нормално, беше свето и секој кој ќе се обидеше да ги релативизира овие основни факти, беше прифаќан како неписмен и прост. Без да навлегувам во непотребна фразеологија и во наративи кои таксативно ќе ги обележат сите протагонисти кои го креираа јавниот, научниот, но и приватниот светоглед во македонското општество, речиси триесетина години, само ќе потсетам дека токму тие и токму тука извршија огромно влијание врз четвртата генерација на Македонци, но и врз останатите македонски граѓани кои ја изградија свеста за своето место и за своето време на битисување.

Токму затоа, почитувани, излегува сосема неприродно однесувањето на оние кои треба факелот на мудроста да и го пренесат на следната генерација. Штајн, во своето време своите славни американски сонародници ги нарече: „изгубената генерација“, дефиниција која во денешната смисла на зборот, без да звучи претенциозно, би ги карактеризирала оние на кои им се обраќам, како „заробената генерација“! – Тешка квалификација, ќе се согласам со вас, но, и не така далеку од вистинската слика за неславната историска улога, во која како генерација комплетно се потфрли уште на првото скалило од воспитанието кое ни беше овозможено подеднакво на сите уште во претшколската возраст.

Многумина ми велат, остави, што се оптеретуваш, гледај си го животот. Други пишуваат од далеку, како си, држи се, руши ги овие предавнички изроди. Некои се порадикални, говорат за провинциската итроштина, која навлезе длабоко во порите на бирократскиот апарат и гуши и шмука од секоја витална аорта на своите крводарители, нас, даночните обврзници. Некои, пак сосема кренаа раце и само немо клатат со главите во знак на длабока тага, над изгазениот идеал.

Но, напоредно со сите овие примери има и една тивка и нема, но сосема солидна војска која молчешкум и простум ја преживува целата оваа катарза. Со очи широко затворени и со песја фрактура во вилиците, тапо го втренчуваат погледот кон ништавилото и безживотно ги блеат сиот доживеан срам и ужас, без притоа да покажат ниту немир, ниту пак бунт. Чисти и смерни, со добри факултетски дипломи, останати дома, иако можеле и надвор да направат удобен живот, вегетираат задоволени или не од она што го наследиле, често поминувајќи ги клучните животни стории на кредит, длабоко незадоволни од шундот и од невкусот на пропагандата и сепак пред клучниот момент, парализирани и безживотни, неутрално, од плажите на соседна Грција го следат погромот кој им нанесе непоправлива штета на идните поколенија.

Токму тие, кои се оние вистинските кои можат да ја направат разликата помеѓу осредноста и натпросечноста, помеѓу плагијаризмот и инспиративните оригинални решенија, помеѓу ѓубрето насекаде низ телевизиските програми и добрите културни активности, токму тие и токму во овој момент, без особено разумна причина одлучуваат да ги следат неколкумината добро истренирани и добро грантирани „субјекти“ и со своето акомодирање под нивната корумпирана палка да одлучат свесно да ја играат својата улога на обезличени релативизатори без компас.

Токму тие т.е. токму вие сте тие на кои им се обраќам. И не го правам тоа со цел да ве засрамам, иако знам дека длабоко во себе го чувствувате срамот, ниту пак да ве навредам, вие и онака сте веќе и навредени и понижени од константното преживување на полуписмените газди и разно разни транзициски стопани кои завладеаа со македонското општество благодарејќи и на нашата скромност, трпеливост и постојаната потреба за себе преиспитување. И дури едните го правеа тоа што беше логично да се прави, другиве изградија систем кој се базира на примитивни кланови, на корумпираност, на неморал, на уцени и на страв. И тие откако ја погребаа претходната генерација, се навртија на своите наследници кои сите до еден мораа да бидат жигосани со уште поголема духовна, интелектуална и морална ерозија за да може изградениот систем да им остане функционален, а празнотијата во умот и во срцата, што помалку видлива.

Во време кога малите луѓе дивеат и гмечат, а големите се повлекуваат исплашени од тривијални полувистини и други манипулативни средства кои ни ги издува специјалната војна, потребна е сила и храброст да се донесе одлуката. Токму затоа, овој апел е до секој од вас, кој умее да ги чита редоследно речениците, но, кои знаете и да го разберете метатекстот на обраќањето. Потребни сте и на својата земја, потребни сте на својот народ, на своите најмили, на непознатите истомисленици. Дојде часот да се истресе правот од рамениците, да се отфрли мразот и несигурноста, бидејќи времето е созреано за промени и за нов почеток. Неопходна е нова револуција, духовна и световна во која ќе бидат демаскирани сите оние кои работеа против интересните на сопствената држава и на својот народ. Време е за департизирање и за ослободување од стегите на корупцијата и злото, зошто доаѓа новата ера за сите кои го разбираат значењето на Република Македонија, исто како што го разбираат и своето место под Сонцето!

Разбудете се, придружете се, сите сте добредојдени.

.Иванка Василевска, Универзитетски професор (24 јули 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата