Русковска: Ние не ја следиме Катица Јанева, а дали ја следи друг не знам

20.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Русковска: Ние не ја следиме Катица Јанева, а дали ја следи друг не знам

И да остане мислењето на Врховен за истрагите на СЈО отворени по 18 месеци, новото обвинителство може да го почне предметот „Империја“ од почеток, порача обвинителката Вилма Русковска, која со новиот закон се предлага да остане на чело на новото обвинителство во кое ќе се спојат нејзиното и СЈО и ќе се вика: Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција.

Таа во нејзиното денешно гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77 вели дека не смета оти случајот „Рекет“ ќе влијае на предметот „Империја“.

За останатите предмети на СЈО, рече дека не мора да пропаднат.

– Било кој од предметите ако има доволно докази нема да пропадне. – рече Русковска.

За новиот закон таа рече дека се изненадила и оти од новинарите дознала за предлог-законот кој вчера го презентираше премиерот Зоран Заев. Рече дека сигурно ќе има забелешки, а една од нив ја посочи во делот на тоа дека наместо нејзините обвинители, пред Апелација предметите треба да ги застапува вишото обвинителство.

За информацијата која вчера ја изнесе лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, дека има мерка „С“ односно забрана за излегување од државата на Катица Јанева, Русковска рече дека за неа нема посебна истражна (ПИ) мерка.

– Од страна на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не е побара ПИ мерка за Катица Јанева. Не ја следиме, дали некој друг ја следи не знам. – рече Русковска.

Коментирајќи го случајот со рекетирање бизнисмени, таа рече оти не може да сфати како некој може тоа да го прави.

– Мене мозокот не ми работи во таа насока. – рече обвинителката.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата