Весник анализа

Зошто Вашингтон по секоја цена сака амбасадата да им биде во Ерусалим?

13.05.2018
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зошто Вашингтон по секоја цена сака амбасадата да им биде во Ерусалим?

САД го извршија најавеното што отпрвин, до пред само два месеци, изгледаше како политичка провокација без сериозни намери - ја отворат својата амбасада во Ерусалим, и покрај противењата на меѓународната заедница и на Палестинците кои најавуваат нови протести, но останува отворено прашањето зошто актуелниот американски претседател Доналд Трамп се реши на овој потег, кој беше игнориран од неговите и републикански и демократски претходници и како овој гест ќе влијае врз израелско-палестинските мировни преговори.

Актот за амбасада во Ерусалим од 1995 година е јавен закон во САД, донесен од 104-от состав на конгресот на 23-ти октомври истата година, и беше прифатен во Сенатот со 93 наспроти 5 гласови, и во Претставничкиот дом со 374 наспроти 37 гласови. Законот остана без потпис од 8-ми ноември 1995 година. Со овој закон всушност се признава Ерусалим за главен град на Израел, и со него требаше да се определат средства за преселување на американската амбасада до 31-ви мај 1999 година.

И покрај усвојувањето, законот му овозможуваше на претседателот на САД да се повикува на шестмесечно откажување од негова примена врз основа на „националната безбедност". Ваквата можност редовно ја користеа претседателите Бил Клинтон, Џорџ В. Буш и Барак Обама. На 5-ти јуни Сенатот едногласно ја усвои резолуцијата по повод 50-годишнината од „повторното обединување на Ерусалим со 90 гласови за. Резолуцијата го потврди законот за амбасада до Ерусалим и го повика претседателот и сите официјални претставници на САД да го признаат Ерусалим за израелска престолнина и да наложат преселување на амбасадата во Светиот град.

Во обидите да се избегнат чекори кои може дополнително да ја влошат ситуацијата на Блискиот исток, тогашниот американски претседател демократот Бил Клинтон го одложи стапувањето на сила на споменатиот закон. Истата политика беше спроведувана и од неговиот наследник на должноста, републиканецот Џорџ В. Буш помладиот и спротивно од ветувањата кои ги даде во предизборната кампања во 2000 година. Последен пат ветото за преселување на амбасадата беше продолжено за половина година на крајот од 2016-та, од претходникот на Трамп, демократот Барак Обама. Во јуни 2017 година американскиот Сенат ја одобри резолуцијата со којашто ја повика администрацијата на претседателот да го спроведе овој закон.

Сегашниот американски претседател Доналд Трамп го потпиша споменатиот закон за признавање на Ерусалим за главен град на Израел на 6-ти декември 2017 година, но теоретски може да го одложува указот за преселување на амбасадата. Оваа одлука ги разгневи и арапските и муслимански сојузници на САД, а кај Палестинците предизвика страв бидејќи тие планираат источниот дел од градот, кој меѓународната територија го смета за окупирана палестинска територија од страна на Израел во ткн Шестдневна војна од 1967 година, да биде престолнина на нивната идна држава.

Отворањето на американската амбасада во Ерусалим во мај годинава претставува многу поран рок од оној кој се очекуваше, не пред 2020 година. Во текот на говорот пред израелскиот парламент во јануари, американскиот потпретседател Мајк Пенс, рече дека тоа би требало да се случи до крајот на 2019 година.

Отворањето на амбасадата временски се совпаѓа со 70-годишнината од основањето на Државата Израе, според Грегоријанскиот календар. Ден потоа, пак, Палестинците ја одбележуваат „Никба" (Катастрофа – на арапски), односно егзодусот на стотици илјади свои сонародници кои во 1948 година побегнале или биле протерани од нивните домови.

Личните мотиви за произреалската политика на Трамп
Со одлуката на Доналд Трамп да ја пресели амбасадата на Соединетите држави од Тел Авив не надминуваат преоптоварените односи со Израел на неговиот претходник Барак Обама кои беа многу тензични и дојдоа до ниво на лични анимозитети со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Произраелската политика на Трамп се одрази во неговата позиција по активностите на израелските власти за населување на палестинските територии коишто меѓународната заедница ги смета за окупирани, по иранското прашање и зајакнување на американско-израелскиот сојуз.

Трамп активно се залагаше за преселувањето на американската дипломатска мисија во текот на неговата изборна кампања во настојувањата да ја демонстрира својата посветеност на сојузот меѓу САД и Израел. „Да, сакам таа (амбасадата) да биде во Ерусалим.... Никој не го поддржува Израел повеќе од мене. Треба да го заштитиме Израел", говореше Трамп.

Меѓутоа, постоја и лични причини поради коишто претседателот прави големи отстапки кон еврејската држава. Имено, неговата ќерка Иванка Трамп и зетот Џаред Кушнер, задолжен во Белата куќа за израелско-палестинските мировни преговори, го исповедаат јудаизмот и во текот на долги години одржуваат блиски односи со Бенјамин Нетанјаху.

Второ, како силни поддржувачи на произреелската политика во САД се сметаат американски евангелисти, коишто претставуваат повеќе од четвртина од севкупното населени и еден од главните претставници на електоратот на Трамп. Како што неодамна забележа телевизиската мрежа Fox News, за 60 милиони припадници на оваа христијанска гранка преселувањето на амбасадата во Ерусалим може да претставува историски настан кој ќе го слави името на Трамп „со милениуми" во историјата. А еден плоштад во близина на новата амбасада ќе биде преименуван во Плоштадот на Трамп, објави претходно седмицава ерусалимскиот израелски градоначалник Нир Баркат.

Трамп изрази желба да присуствува на отворањето на амбасадата, којашто привремено ќе се наоѓа во зградата на американскиот конзулат во квартот Арнона, додека не биде изградена новата зграда на сѐ уште непозната локација. Сепак, нема да присуствува, а наместо некога во Ерусалим ќе отпатува ќерката Иванка и зетот Џаред Кушнер, како и заменикот американски државен секретар Џон Саливен и министерот на финансии Стивен Мначин. Присутни ќе бидат речиси 800 гости.

Чувствителноста на моментот
Преселувањето на американската амбасада се случува во особено чувствителен момент на Блискиот исток. Палестинците веќе со седмици наназад протестираат во Појасот Газа против израелската блокада на оваа енклава и во има на „правото на вражање" на своите територии од 1948 година. Во судирите со израелските војници од 30-ти март загинаа повеќе од педесет Палестинци а уште илјадници се ранети. Покрај тоа, и одлуката на Трамп да ги повлече САД од меѓународниот договор со Иран за неговата нуклеарна програма ја продлабочи и онака големата неизвесност во регионот. Напнатоста ненадејно, или сепак можеше да се претпостави, ескалираше ноќта од средата кон четвртокот меѓу Иран и Израел во Сирија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави преселувањето на американската амбасада во Ерусалим и ги повика другите земји да го сторат тоа. Иако, објави дека веќе шест држави најавиле дека ќе го следат ваквиот потег на Вашингтон, одлуката на Трамп не наиде на пошироко одобрување во меѓународната заедница. Напротив. Следуваа осуди и од страна на американските сојузници и повици на претпазливост во врска со овој чекор во смисла на регионалната стабилност и безбедност.

Високиот палестински функционер Набил Шат на неколку дена пред церемонијата на преселувањето на амбасадата, го обвини Трамп дека го поддржува „израелското чистење на палестинскиот народ од Ерусалим". Друг палестински функционер, Саеб Ерекат, ги повика „организациите на цивилното општество и верските власти да ја бојкотираат инаугурацијата". „Оние коишто ќе учествуваат на таа инаугурација ќе испратат загрижувачка порака дека ги охрабруваат флагрантните меѓународни права и неоттуѓивите права на палестинскиот народ", додаде.

Во контекстот на годишнината од основањето на Државата Израел и на Накба, за 14-ти и 15-ти мај, најавени се масовни палестински протести. Во Појасот Газа, на помалку од 100 километри од Ерусалим, Палестинците се закануваат дека се подготвени да ја пробијат израелската безбедносна ограда, ризикувајќи смрт во судирот кој притоа би дошол со израелските погранични сили. Израелската војска тврди дека пука со вистински куршуми само во крајна нужда за да ги заштити своите војници и цивилите кои живеат во оваа област. На жестоки критики е подложена поради употребата на сила, а таа го обвинува палестинското исламистичко движење Хамас коешто од 2007 година управува со Појасот Газа откако од таму го протера ривалското движење Фатах дека ги инструментализира демонстрантите.

Палестинскиот лидер Махмуд Абас го нарече декретот на Трамп повлекувување на САД од мировниот процес во регионот. Една од највоинствените палестински сили движењето Хамас предупреди дека признавањето на Ерусалим за главен град на Израел претставува „нескриена агресија против палестинскиот народ". Според Палестинската ослободителна организација (PLO), Трамп со својот потег го направил невозможно решавањето на кризата со решението со две држави, што е поткрепено од меѓународната заедница. Лигата на арапските држави изјави дека мировниот договор во регионот е мртов. Шиитските милиции во Ирак се заканија со напади врз американските војници поради одлуката за Ерусалим.

Прашањето за статусот на Ерусалим

САД, коишто му пркосат на светот со селидбата на амбасадата во Ерусалим, со овој чекор повторно во прв план го ставија и статусот на Светиот град, што е едно од централните прашања на израелско-палестинскиот судир. Имено, и Израелците и Палестинците го сметаат овој град за своја престолнина.

Во текот на војната од 1967-та, Израел го зазема источен Ерусалим, палестинскиот дел од градот, и потоа го анектираше. Во 1980 година Израел го прогласи целиот Ерусалим за своја „вечна и неделива" престолнина. Меѓународната заедница оваа одлука ја смета за нелегална и источен Ерусалим го смета за окупира. Исто така, смета дека странските амбасади не би требало да се наоѓаат во Ерусалим. Затоа Израел ја смета одлуката на Трамп за „признавање на историската реалност". За палестинското водство, пак, таа претставува кулминација на произреалската политика на целата администрација на Трамп.

Односите на Палестинската национална управа и сегашната американска администрација во Вашингтон се многу влошени поради овој потег, што резултираше и изјави искажани со недипломатски речник. Така, палестинскиот претседател Махмуд Абас дури американскиот амбасадор во Израел, Давид Фридман, го нарече „кучкин син".

Меѓутоа, сега се нагаѓа дека многу наскоро по преселувањето на амбасадата, администрацијата на претседателот Трамп може да изнесе план за конечно решение на изралеско-палестинскиот судир.

Амбасадата на САД во Ерусалим не е ниту првата, ниту последната
Неколку земји во минатото веќе имаа свои амбасади во Ерусалим, во прв ред од Африка и Јужна Америка. А некои сега најавуваат дека може да ги вратат. По војната од октомври 1973 година, Брегот на слоновата коска, Заир (ДР Конго) и Кенија ги прекинаа дипломатските односи со Израел и ги затворија своите амбасади во Ерусалим. Кога ги обновуваа дипломатските односи, дипломатските претставништва ги отворија во Тел Авив.

На барање на ОН, Боливија, Чиле, Колумбија, Костарика, Доминиканската република, Еквадор, Гватемала, Хаити, Панама, Салвадор, Уругвај, Венецуела и Холандија, ги повлекоа своите амбасади од Ерусалим, откако во 1980-та Израел го прогласи за свој „вечен и неподелен" главен град. Костарика и Салвадор ги вратија во 1984 година, за повторно да ги повлечат во 2006 година.

Но сега, по одлуката на Трамп, некои земји најавија дека истото може да го сторат и тие. Претседателот на ГватемалаЏими Моралес, изјави дека неговата земја ќе ја отвори амбасадата во Ерусалим на 16-ти мај, а според израелското министерство за надворешни работи, до крајот на мај тоа треба да го стори и Парагвај.

Кон средината на април израескиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави дека најмалку шест земји се во сериозни преговори со израелските власти за преселување на своите амбасади во Ерусалим.

Нетанјаху изјави дека Гватемала во мај практички истовремено со САД ќе ја пресели своијата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, и предвиде дека нивниот пример ќе го следат и други земји. Тогаш беше истакнато дека „според процените на израелските дипомати, Хондурас речиси сигурно, ќе биде една од земјите коишто ќе донесат иста одлука".

Истовремено со изјавата на Нетанјаху во Букурешт шефот на владејачките социјалдемократи Ливиу Драгнеа изјави дека и Романија одлучила да ја премести во Ерусалим својата амбасада во Израел. Според членикот на романските социјалдемократи PSD, кои ја имаат клучната улога во водењето на владата на премиерка Виорица Данчила, владата усвоила во „меморандум за почетокот на постапката од преместувањето на амбасадата во Ерусалим". Со тоа Романија би станала првата членка на Европската унија, која би го сторила ова. ЕУ, во согласност со резолуциите на ОН, пак, смета дека конечниот статус на Ерусалим треба да го договорат Израел и Палестинците.

Чешкиот претседател Милош Земан ги поддржува преселувањето на чешката амбасада во Ерусалим, но чешката влада засега најави само повторно отворање на почесниот конзулат и чешки културен центар во овој град. Од друга страна, јапонскиот премиер Шинзо Абе неодамна на палестинскиот претседател Махмуд Абас му кажа дека јапонската амбасада е остане во Тел Авив.

Vesnik.com

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата