Врховен суд: Еве кој е виновен и треба да плати АКО ВЕ КАСНЕ КУЧЕ СКИТНИК

17.12.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Врховен суд: Еве кој е виновен и треба да плати АКО ВЕ КАСНЕ КУЧЕ СКИТНИК

Одделот за граѓански дела при Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по правните прашања од интерес за единствена примена на правото и воедначување на судската практика, на седница одржана на ден 04.03.2016 година, го донесе следното:

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

Солидарно одговорни за надомест на штета причинета од каснување од куче скитник се општината, односно Градот Скопје и Јавното комунално претпријатие или друго правно лице, на кое со договор му е доверено собирањето на кучиња скитници и нерегистрираните кучиња.

О б р а з л о ж е н и е

До Врховниот суд на Република Македонија – Одделот за судска практика, поради воочената неконзистентна примена на законот, од апелационите судови на територијата на Република Македонија, доставено е барање за правно мислење по следното прашање: Кој е пасивно легитимиран во споровите за надомест на штета од гризнување на куче скитник, дали Општината, градот Скопје за штети причинети во Скопје или Комуналното претпријатие кое врши комунална дејност, или пак постои солидарна одговорност на сите овие субјекти за причинетата штета?

Имено, ова правно прашање било разгледувано на заедничката работна средба на судиите од граѓанските оддели на Апелациониот суд Битола, Апелациониот суд Гостивар, Апелациониот суд Скопје и Апелациониот суд Штип одржана на 02.10.2015 година и на 03.10.2015 година.

На оваа работна средба не била постигната согласност за воедначеност при примената на законот, поради што донесен е заклучок да се упати барање до Врховниот суд на Република Македонија за утврдување на правно мислење. Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по поставеното правно прашање, го утврди правното мислење поради следните причини: Согласно член 10 точка 4 алинеја 23 од Законот за градот Скопје ( „Службен Весник на Република Македонија“ бр.55/04), е предвидено дека надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење за градот Скопје се комунални дејности и тоа меѓудругите дејности и ерадикација на животните скитници.

Согласно член 13 од истиот закон, Градот Скопје, за вршење на јавни работи од локално значење во рамките на својата надлежност, може да основа јавни служби, во согласност со закон. Од друга страна, Законот за заштита и благосостојба на животните ( „Службен Весник на Република Македонија“ бр.113/07), во членот 25 став 1 определува дека општините во градот Скопје, односно градот Скопје се надлежни да вршат собирање на кучињата скитници и нерегистрираните кучиња и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта.

Како комунални дејности, во смисла на Законот за комунални дејности ( „Службен Весник на Република Македонија“ бр.85/12), меѓудругите во членот 5 став 1 точка 15 е наведена и уловување на животни скитници.

Согласно член 9 став 1 од истиот закон, комуналните дејности се вршат во согласно со Законот за комунални дејности и друг закон, како и прописите донесени од страна на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.

Ставот 2 од истиот член, предвидува дека за вршење на комуналните дејности, општините односно градот Скопје можат да основаат јавно претпријатие, доколку со посебен закон со кој се уредува одделна комунална дејност поинаку не е уредено, а доколку општината, односно градот Скопје немаат основано јавно претпријатие, вршењето на комуналните дејности можат да го доверат на правни и физички лица кои поседуваат дозвола за вршење на соодветна дејност.

Начинот на организирање и вршење на комуналните дејности, поблиску го пропишуваат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, а согласно став 2 од член 12, заради подетално уредување на односите во комуналните дејности, утврдени со Законот за комунални дејности, советот на општините, односно Советот на градот Скопје, донесува одлука за комунален ред и мерки за нејзино спроведување.

Законот за комунални дејности, тргнувајќи од критериумот за тоа чија потрошувачка се задоволува, разликува комунални услуги за задоволување на индивидуална потрошувачка и услуги за задоволување на заедничката потрошувачка.

Во таа насока, во групата на комунални услуги за задоволување на заедничката потрошувачка, согласно член 14 став 3 алинеја 9 од цитираниот закон, спаѓа и ерадикција на животни скитници. Поаѓајќи од фактот дека општините, општините во градот Скопје и градот Скопје имаат утврдена законска надлежност да вршат собирање на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта, како и од фактот дека уловување и ерадикцијата на животните скитници претставува комунална дејност, за која општината, општините во градот Скопје и градот Скопје може да основаат јавно претпријатие или вршењето на оваа дејност на го доверат на правно лице, следуваше да се донесе правното мислење, како што е погоре наведено.

Оттука, прашањето за постоењето на солидарната одговорност на општината, односно градот Скопје и Јавното комунално претпријатие, судовите ќе треба да го расчистуваат преку утврдување на фактот дали општината односно градот Скопје со договор ја пренел (доверил) надлежноста на собирањето на кучиња скитници и нерегистрираните кучиња.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата