Британски министер за здравство: Медицинските апарати подобро функционираат на белци

21.11.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Британски министер за здравство: Медицинските апарати подобро функционираат на белци

Британскиот министер за здравство Саид Џавид рече дека побарал истрага за проблемот откако дознал дека оксиметрите, кои го мерат нивото на кислород во крвта и се клучни за следење на состојбата на пациентите со Ковид, даваат помалку точни податоци за пациентите со потемна кожа.

„Ова се случува систематски ширум светот“, рече Џавид, додавајќи дека тоа е расен проблем поврзан со медицинските помагала за кои оксиметарот е добар пример.

Џавид рече дека е можно луѓето да починале од Ковид-19 како резултат на овој недостаток, но додаде дека нема „целосен доказ“.

Тој рече дека причината за несовпаѓањето лежи во фактот што голем број медицински помагала, лекови, процедури и учебници доаѓаат од земји со претежно бело население.

„Сакам да се погрижам да направиме нешто околу тоа, но не само во Бртианија. Ова е меѓународен проблем и затоа ќе работам со моите колеги ширум светот за да го сменам тоа“, рече Џавид.

Тој рече дека веќе разговарал за ова прашање со американскиот министер за здравство, кој е подеднакво заинтересиран за темата.

Џавид рече дека станал свесен за проблемот откако истражувал зошто луѓето со потемна кожа во Британија се несразмерно повеќе погодени од болеста „Ковид-19“.

Тој додаде дека една третина од пациентите, кои биле примени на интензивно лекување од Ковид во раните фази на пандемијата, биле припадници на етничките малцинства, што всушност е двојно повеќе од нивниот удел во општата популација.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата