Милијарда пушачи во светот, НАЈМНОГУ ПУШАТ СИРОМАШНИТЕ

1.08.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Милијарда пушачи во светот, НАЈМНОГУ ПУШАТ СИРОМАШНИТЕ

Во светот има околу една милијарда пушачи, од кои околу 80 проценти живеат во земји со низок и среден приход, а тутунот е одговорен за смртта на осум милиони луѓе годишно, соопшти СЗО. Тие предупредуваат дека употребата на електронски цигари е во пораст, чија штетност, сепак, се уште не е целосно истражена.

Преваленцата на пушење кај луѓето над 15-годишна возраст се уште се намалува- од 22,7 на 17,5 проценти.

Глобалните напори за контрола на тутунот доведоа до значителен напредок во намалувањето на пушењето и заштитата на здравјето на луѓето во многу делови на светот, но во меѓувреме има значително зголемување на употребата на нови тутунски производи, електронски цигари, според најноовиот извештај на СЗО.

Во последниве години, употребата на нови производи како што се електронски системи за испорака на тутун (ENDS), односно е-цигари и „vape“, е зголемена на многу пазари, се наведува во извештајот. Уделот на луѓе кои користат тутун е намален во повеќето земји, но зголемувањето на населението значи дека бројот на пушачи се уште голем, според СЗО.

Според извештајот на СЗО, тутунот е одговорен за смртта на осум милиони луѓе годишно, вклучително и еден милион луѓе кои умираат од пасивно пушење. Четири пати повеќе луѓе сега се опфатени со една од мерките за контрола на тутунот препорачани од СЗО отколку во 2007 година кога СЗО го објави првиот таков извештај.

Милијарди животи сега се подобро заштитени и милиони животи се спасени во претходните години.

Меѓутоа, 49 земји во светот не усвоија никакви мерки за заштита од чад од тутун, додека, од друга страна, само две земји – Бразил и Турција – целосно ги спроведоа сите мерки.

Според СЗО, тутунската индустрија често ги става новите електронски  производи на пазарот со реклами со тинејџери додавајќи илјадници привлечни вкусови, поради што, предупредува извештајот, децата имаат три пати поголема веројатност да ги користат овие производи во иднина.

Во моментов, 32 земји забрануваат продажба на електронски системи за тутун, 79 земји усвоија барем една делумна мерка за забрана за употреба на овие производи во јавноста, нивно рекламирање, промоција и спонзорство. Сепак, 84 земји се уште немаат регулација на тој пазар.

Бројните долгорочни здравствени последици од користењето електронски цигари се уште се непознати, а според СЗО, има се поголем број докази дека овие производи не се безопасни. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданон Гебрејесус, смета дека електронските системи со никотин се штетни и мора подобро да се регулираат .

„Таму каде што не се забранети, владите треба да усвојат соодветни политики за да го заштитат своето население од штетите на овие системи и да спречат нивно прифаќање од деца, тинејџери и други ранливи групи“, предупреди Тедрос.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата