ТРАГИЧНИОТ ЖИВОТ НА КРАЛИЦАТА НА БЛУЗОТ

Почнала да работи на 6 години, на 11 била силувана, а мајка и подоцна ја вовлекла во проституција

22.07.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Почнала да работи на 6 години, на 11 била силувана, а мајка и подоцна ја вовлекла во проституција

Таа имаше глас кои беше мелем за сечии уши. Беше и се уште е кралица на блузот, но поради животните проблеми многумина ја споредуваат со птица која пеела од сопствениот кафез.

Кралицата на блузот, или како што многумина ја нарекуваат Били Холидеј е родена во Филаделфија во 1915 година во сиромашно афроамериканско семејство. Нејзината мајка имала само 13 година кога ја родила, додека пак нејзиниот татко Кларенс имал 15 години. Бидејќи тие никогаш не биле во брак ниту пак во врска, Кларенс решава да ги остави и да се посвети на кариерата како џез музичар.

Оттука и започнува тешкото детство на Били Холидеј. Поради напорната работа и долгите саати, мајка и честопати ја оставала кај нејзините роднини, кои ја запоставувале. Били плачела со часови и денови без храна и вода. Нејзината голгота продолжила и кога таа тргнала во училиште. Бидејќи не се сложувала со другите деца таа често отсуствувала од настава. Оттаму, судот донел одлука да биде испратена во установа која била наменета за проблематични црни девојки. Тука Били поминала неколку месеци.

Несреќно детство

Во овој дом таа била и жртва на сексуален напад. По година дена таа ја напуштила оваа установа и се вратила дома кај својата мајка. Почнала да работи на свои 6 години се со цел да и помогне на својата мајка. Но, 5 години подоцна повторно доживеала траума, односно повторно била жртва на сексуално злоставување – овој пат од нејзиниот сосед. Сеќавањето на тој ужасен момент и постојаната сиромаштија во која живеела ја прогонувале цел живот.

-Јас бев црна, силувана и шворц. Денот кога сум се родила, Бог не давал ништо. Немав можност да си играм со кукли како другите деца. Напротив, од мои 6 години почнав да работам, се сеќава Били на тешките моменти од своето детство.

По овој немил настан, Били била испратена во католичко училиште. Но таа таму не била среќна, па две години подоцна, во 1928 година решила да и се врати на својата мајка во Њујорк. Но, таа ја нашла својата мајка во многу лоша состојба. Освен што била зависник од алкохол, мајка и почнала да консумира наркотици и да работи во јавна куќа.

Немајќи каде да оди, Били останала покрај неа. Па така, мајка и ја вовлекла во светот на проституцијата – најпрвин Били работела како чистачка во бродот кој бил јавна куќа а подоцна и како проститутка. Таа започнала да пуши марихуана и да конзумира алкохол. Доживеала и нервен слом кога едно утро се разбудила во прегратките на нејзината баба која починала во сон.

Патот кон музиката

Сите проблеми кои ги живеела додека била дете ја натерале да најде сигурно прибежиште. А тоа прибежиште за неа била музиката. Таа особено ги сакала Беси Смит и Луис Амрмстронг, а во тоа време развила и длабока врска и со пеењето.

Во 1930 година, Били почнала да пее по локалните клубови. Таа одела од клуб до клуби и пеела за бакшиш. Кога наполнила 18 години таа веќе имала основно музичко искуство и тогаш била забележана од ловецот на таленти, Џон Хамонд. Тој и ја овозможил првата плоча, но најголемиот успех Били го имала кон крајот на триесеттите години.

Имено, Хамонд ја поврзал со кларинетистот Бени Гудман, со кого таа ги снима првите хитови “Your mother’s Son in Low” и “Ruffin the Scotch”.

Три години подоцна, таа му се приклучила и на оркестарот Гроф Беси – една од најистакнатите џез групи во ерата на свингот.

Саксофонистот Лестер Јанг кој привремено свирел со нив развил блиско пријателство со Били, давајќи и го прекарот Лејди Деј – додека пак таа него го викала През.

Нејзиниот глас почнал да станува познат и тоа поради автентичноста и допирот со меланхолијата кои носела одреден вид на емоции.

Различна и пркосна

Имено, Били била единствената афроамериканска солиста во овој “бел оркестар”. Заедно со нив таа патувала низ Америка, а стигнала и да биде гостинка на многу познати радио станици во тоа време и на Бродвеј.

Меѓутоа, таа била принудена да трпи бројни расистички навреди. Кога имале настапи Били морала да ги користи помошните влезови, а и било забрането да се вози во лифтови бидејќи тие биле наменети само за белците.

Кога веќе не можела да издржи, Били го напуштила овој оркестар и почнала да настапува како солист. Една од новите песни која ја презентирала била песната Strange Fruit која говори за расизмот и линчувањето на црнците во американскиот југ. Оваа песна станала огромен хит во 1939та година и покрај тоа што била забранета да се емитува на многу радио станици. Во 1999та година, списанието Тајмс ја прогласи Strange Fruit за песна на векот, а приказната за нејзиното значење прерасна во легенда.

Во пеколот на дрогата и насилството

Но и покрај блескавата кариера и популарноста, Били тргнала по самоуништувачкиот пат од кој малкумина успеале да се вратат. Во 1941 година таа се омажила за Џејмс Монроа, насилен и нестабилен човек.

Иако Били веќе била алкохоличарка, Монроа успеал да и додаде уште еден порок. Како корисник на опиум, тој ја запознал Били со нов свет на злоупотреба на супстанции. Иако после краток период се развела од него сепак Били не успеале да се откаже од наркотиците.

Неколку години подоцна, почнала да се забавува со трубачот Џоиј Гај со кого пак почнала да користи хероин. Нивниот љубовен живот бил несреќен и тоа во најголем дел поради самоуништувачките апсирации на пејачката.

Нејзината зависност од дрога се влошила по смртта на нејзината мајка во 1945та година, кога таа се обидувала да ја ублажи тагата со алкохол и опијати. Две години подоцна, била уапсена поради поседување на дрога и осудена на 24 месеци затвор од кои 12 ги поминала во ќелија.

Успешно враќање и трагичен крај

Иако мислела дека луѓето нема да ја прифатат, сепак по затворската казна таа решила да оддржи концерт во Карнеги Хол. Овој концерт означувал големо враќање на сцената.

Во 1952 година таа се мажи со Луис Мекеј, мафијаш и дилер на дрога. Тој и како нејзините претходни партнери бил насилен, но за разлика од другите Луис се обидувал да ја одвикне од консумирање на наркотици. Но и покрај неговиот напор, проблемите со дрогата продолжувале по што и нејзиното здравје се влошило. Ова се одразило и на нејзиниот глас кој станувал се погруб и погруб.

Промената во нејзиниот глас може да се забележи на нејзините последни снимки за албумот “Lady In Satin” во 1958 година. Година дена подоцна, таа го оддржала својот последен настап во Њујорк. А нејзината зависност го земала своето, полека и незабележливо. Најпрвин и го земал изборот, па потоа парите, гласот и на крајот неа.

Били завршила во болница поради проблеми со црниот дроб и срцето. Починала од цироза на свои 44 години, на 17 јули 1959 година.

 

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата