Царовска: Двојно растат социјалните стипендии за студенти

21.07.2021
Царовска: Двојно растат социјалните стипендии за студенти

Двојно растат социјалните стипендии за студентите. Месечниот износ од 3.300 денари го зголемуваме на 6.050 денари во претстојната академска година. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната средба со организациите на студенти и средношколци.

„Зголемување имаме и кај ученичките социјални стипендии кои ќе се исплаќаат со стартот на новата учебна година. Наместо досегашните 2.200 денари, учениците ќе добиваат месечна стипендија од 3.500 денари“, рече Царовска.

Министерката истакна дека целта на МОН е да го вреднува трудот на студентите и учениците со што ќе се стимулираат да постигнуваат подобри успеси во учењето.

Министерката потсети дека од октомври почнува исплатата и на субвенциониран студентски оброк од 2.400 денари месечно, а право на истиот имаат сите редовни студенти на државните и приватните универзитети во државата, под услов да не се вработени и да немаат други примања. Финансиската поддршка се очекува да ја користат околу 40.000 студенти, а со средствата ќе може да се плаќа кај кој било трговец.

Со стипендијата и со субвенционираниот студентски оброк, социјално ранливите студенти ќе добиваат околу 8.500 денари месечна поддршка од државата што е голем исчекор во подобрување на стандардот на младите.

„И субвенционираниот студентски оброк и зголемените стипендии се резултат на партнерството на МОН и младите во креирањето на мерки и политики кои се во насока на подобрување на стандардот“, рече Царовска.

makfax.com.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата