Косовската влада планира да поднесе тужба за геноцид против Србија пред Меѓународниот суд на правдата, но не оваа година.

Розафа Келменд, портпарол на косовската влада, во одговор на Коха, рече дека тужбата за геноцид ќе биде поднесена пред крајот на следната година.

Според неа потребни се големи подготовки пред поднесување на една ваква тужба.

– Пред да се започне со подготовка на тужбата за геноцид, потребно е да се финализира работниот план кој содржи многу технички аспекти. Откако ќе заврши процесот на изготвување на овој план, може да започне изготвувањето на тужбата. Немаме точен датум за поднесување на тужбата, но тврдиме дека не можеме да го поднесеме пред крајот на следната година, имајќи предвид дека е потребна голема подготовка – речеКелменд.

Премиерот Албин Курти ова го најави во неговиот прв говор во Собранието, откако пред еден месец беше избран за премиер.

Неколку експерти стравуваат дека Косово може да не го добие случајот, бидејќи првиот пат овој суд донесе одлука дека прогласувањето независност не е во спротивност со меѓународното право.

Портпаролката на косовската Влада вели дека е рано да се зборува за можните последици од пресудата, затоа  што потенцијално може и да не се утврди дека имало геноцид на Косово.

– Ние веруваме дека имало геноцид на Косово и ќе се обидеме да го докажеме тоа. Во оваа фаза не е соодветно да се зборува за последиците од таквата можна пресуда, бидејќи таа сè уште е во прва фаза. Сега се занимаваме со прашањето за јурисдикција, се изготвуваат внатрешни и надворешни анализи на домашни и меѓународни експерти, кои ги разгледуваме во врска со можностите што Косово ги има за да ја покрене оваа тужба.

– Затоа што овој процес е исклучително сложен. Треба да се има предвид дека една од работите што е многу важна во целиот овој процес е огромната работа што се работи зад сцената, бидејќи имаме работа со тужба што е покрената директно против друга држава и бара дополнителна грижа. Процесот на тужбата на Србија за геноцид е долг, сложен и многу чувствителен процес, затоа ќе биде потребно време, рече Келменд.

Да се потсетиме дека истиот суд утврди дека убиството на околу 8.000 босански муслимани во Сребреница е геноцид. Според Меѓународниот суд на правдата, Србија не го спречи тоа, но рече дека судот нема доволно докази за да ја смета земјата одговорна за геноцидот.