ПОСТ-КАПИТАЛИСТИЧКА АПОКАЛИПСА БЕЗ ПРЕКВАЛИФИКАЦИЈА: Што е тоа техно-феудализам? За иднината во која луѓето стануваат непотребни

13.12.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ПОСТ-КАПИТАЛИСТИЧКА АПОКАЛИПСА БЕЗ ПРЕКВАЛИФИКАЦИЈА: Што е тоа техно-феудализам? За иднината во која луѓето стануваат непотребни

Човечката цивилизација постојано се менува.

Во некои антички времиња, биле потребни многу години за промените да станат очигледни, но тие секогаш се случувале. Не постои еден аспект на човечкото постоење што е статичен.

Во денешно време, од друга страна, имаме најголемо можно забрзување кон фундаментални промени. Ова забрзување трае веќе неколку векови (што е, се разбира, многу краток период во историјата на човештвото), но забрзувањето е експоненцијално и немилосрдно.

Промените што некогаш траеја со векови, започнаа да се случуваат со децении, а потоа и со години.

Дури и денес, ако погледнеме само 5 години наназад, ќе видиме дека тоа беше прилично поинаков свет - во политичка, социјална, економска и во секоја друга смисла.

Покрај овие брзи промени, сè почесто ни се случуваат катализатори кои „прескокнуваат“ значителни временски периоди. Катализаторот може да биде настан, феномен, откритие... да речеме, глобалното воведување на Интернет е еден од огромните катализатори на нашето време.

Во моментот, живееме низ друг, пандемија на коронавирус.

Милиони луѓе останаа без работа од почетокот на 2020 година, а нема изгледи дека нешто ќе се стабилизира до постигнување имунитет на стадото кој се очекува наесен 2021 година.

Бесот поради кршењето на човековите права со карантинското затворање, со чувството на немоќ, економската несигурност за иднината веќе доведе до експлозија на незадоволство и насилни протести и судири со полицијата во многу европски држави.

На хоризонтот не се надзираат авиони кои ќе фрлаат пари за да се смират несигурните и уплашени луѓе/потрошувачи/работници.

Напротив. Јазот меѓу богатите и сиромашните се зголеми на историски рекордни граници во време на пандемијата, а државите во светот, институциите, доцнат со економските пакети за каква таква санација на стравот, несигурноста и неизвесноста кај потрошувачот/работник. 

Но, за таа тема, наскоро.

Јасно е дека промената не е иста со напредокот, таа едноставно е и може да биде и позитивна и негативна. Оптимистички поглед на иднината е оној што претпоставува дека има шанси и за добро и за лошо. Денес ќе разговараме за такви промени, но не нужно од позитивен аспект.

Постоечкиот економски модел (кој диктира и политички и социјален), пазарен капитализам каков што го познаваме во сегашната фаза, секако нема да биде траен и тој се соочува со големи тектонски промени поради кои веќе сме на работ на транзиција од една во друга ера.

Капитализмот е ефикасен кога станува збор за започнување нови проекти, нивно финансирање. Постои пазар на работа што создава конкуренција меѓу компаниите, а во теорија корисниците имаат корист од ова (иронично, тие се и работници, а кога ќе се додаде нивната експлоатација, тие добиваат негативно салдо). Но, капитализмот е веќе стар, тој е дел од економијата на 18 век, и иако некои многу би сакале да го задржат, капитализмот сè повеќе ги покажува своите ограничувања преку чести кризи.

Но, што може да го замени?

Тука доаѓаме до таа раскрсница каде што една насока води кон позитивното, кон напредокот, кон моделот што нема да се заснова на човечка експлоатација.

Другата насока води кон нешто уште полошо од експлоатацијата, до човечка безначајност, небитност.

Карл Маркс интензивно пишуваше за методите за постигнување на првата насока, замена на капитализмот со социјализам, како еден од раните критичари на капитализмот, кој веќе во своето време (19 век) ги покажа сите свои карактеристики.

Се разбира, Маркс е поврзан како големиот непријател на капитализмот, иконата на антикапиталистичката борба, но ако ги прочитаме неговите теории малку повнимателно, ќе видиме дека тој исто така му дава многу големо „признание“ на капитализмот, особено кога станува збор за иновации и брз развој.

Се разбира, тој исто така гледа долгорочна закана во ова и денес, кога го разгледуваме пост-капиталистичкиот систем, можеме да искористиме некои потврдени факти што тој ги изнесе во средината на 19 век.

„Буржоазијата не може да постои без постојана револуција во инструментите за производство, а со тоа и во односите во производството, а со нив и целосните односи во општеството“ - оваа реченица, од Марксовиот комунистички манифест (1848), може да послужи како главна отскочна штица за визуелизација на новиот пост-капиталистички систем.

Бидејќи изјавата е прецизна.

Капиталистите континуирано работат на подобрување на начинот на производство и/или продажба на нешто. И тоа го гледаме апсолутно во секој аспект на економијата.

Наместо класично такси, денес ги имаме Uber, Bolt. Во продавниците сè повеќе имаме автоматски каси што се усовршуваат според крајната цел - целосно да го елиминираат вработениот човек.

Истото ќе биде во многу блиска иднина со такси-возилата каде ќе се превезуваме исклучиво со машини без возач на луѓе. Се чини дека сè постојано се иновира за да биде побрзо, попрофитабилно и поконкурентно. И токму оваа константа го носи капитализмот до ѕид.

Зошто?

Бидејќи во оваа голема трка за иновации, системот се ослободува од еден сегмент што му е потребен - потрошувачот.

Имено, неизбежната роботизација/дигитализација на толку многу работни места ќе создаде огромен број луѓе кои повеќе нема да бидат членови на работничката класа.

Ниту тие нема да бидат невработени - затоа што невработено лице е работник кој бара работа. Ова ќе биде сосема нова класа на невработени луѓе, непотребни.

За нив не може да се „измислуваат“ нови работни места бидејќи преостанатите работни места ќе продолжат да се намалуваат, а секој работник кој смета дека неговата работа е „безбедна“ наскоро ќе се почуствува измамен.

И не, можеби нема работата да му ја преземе машина веднаш, но тоа ќе го стори друг работник. Имено, со експлозијата на невработеноста, борбата за овие преостанати работни места ќе биде толку насилна што ќе се вработат само најдобрите од најдобрите.

Овој нов систем дефинитивно не е социјализам. Што е тогаш? Сè уште нема имиња, но едно од имињата што почнува да се споменува повремено може добро да одговара на таквата визија за блиска иднина: техно-феудализам.

Зошто „техно-феудализам“?

Секако, називот потекнува од феудализмот, структура што била во сила низ цела Европа во средниот век. Целото општество беше структурирано околу односот кон земјата. Имаше многу строга и јасна хиерархија. Благородниците/феудалците го контролираа земјиштето. Вазалите изнајмувале земја од благородништвото, а земјата ја обработувале селани.

Во секој период од историјата на човештвото, моќта била во рацете на оние кои ги контролирале средствата за производство.

Во времето на феудализмот тоа беше земја, во подоцнежниот индустриски период тоа беа фабрики. Денес тоа е технологија. Оние кои ја поседуваат технологијата имаат непропорционална моќ.

Техно-лордовите ќе имаат поголема моќ од државите и нациите - всушност, може да се каже дека веќе имаат.

Некои американски технолошки гиганти (Гугл, Фејсбук...) секако се веќе помоќни од многу земји. И оние што денес ги сметаме за „најголеми“ може да бидат само увертира за дури и многу помоќни технолошки корпорации (кои можат брзо да се појават, со спојување на постојните).

Прашањето што тогаш се поставува е кои класи постојат во пост-капиталистичката ера на техно-феудализмот?

Што е со работникот/потрошувачот?

Иако никогаш не бил третиран идеално, сепак бил суштинска „состојка“ на капитализмот.

Што со тој огромен човечки вишок? Бидејќи тие нема да можат да се „преквалификуваат“ - дури и со најдобра волја, нема да мораат да се преквалификуваат во некоја друга дејност.

Во блиска иднина, на пример, фабрички работник може целосно да исчезне - фабриката ќе биде голема „кутија“ слична на денешниот 3Д печатач, кој е целосно контролиран од машини со напредна вештачка интелигенција и произведува се што е потребно без човечка интервенција.

Дури и во таква ера на техно-феудализам, некои се оптимисти и веруваат дека производите направени од луѓе, „ракотворби“, било да е тоа храна, уметност, предмети, ќе добијат на вредност и популарност.

Тоа звучи добро.

Цивилизација на иднината која произведува од забава и сопствена креативност, но истата сигурно не може да функционира со сегашните 7,7 милијарди луѓе.

Од овие факти, теоретичарите на заговор веќе стравуваат дека се подготвува „големо намалување на човечката популација“, но судејќи според претходните настани, работите воопшто не се толку внимателно „организирани“, тие се хаотични.

И денес имаме ситуација во која дури и голем број моќни капиталисти ќе исчезнат при тој премин кон техно-феудализмот, затоа не гледаме како тие прават нешто конкретно за да се спасат.

Сè околу нас ни покажува дека цитатот од 1848 година беше точен: „Буржоазијата не може да постои без постојана револуција во инструментите на производството“.

Што е со експоненцијалниот развој на вештачката интелигенција - зарем тоа нема да ги сруши ниту техно-лордовите во блиска иднина?

Главното прашање сега е што ќе работи човекот на „феудот на иднината“ ако стане бескорисен?

Тешко е да се смисли „нова функција“ за него. Некои ќе споменат обработка, производство на храна... но, тоа исто така, ќе стане автоматизирано (можеби синтетичко).

Блиската иднина повеќе не е иднина, туку сегашност. На пример, Сингапур минатата недела одобри продажба и употреба на месо одгледувано во лабораторија.

Едно е сигурно - овој „феуд на иднината“ што се подготвува за скоро целата работничка класа на денешницата ќе биде огромен, глобален и со тоа оние што ќе станат вишок во ерата на техно-феудализмот ќе бидат броени во милијарди.

Но, тогаш тие се на потег, би било бесмислено толку многу да молчат и да го следат доаѓањето на нивната трајна ирелевантност, а тоа е веќе приказна за алтернативна иднина, можеби дури и за една во која нема да биде дозволена мрачна ера на техно-феудализмот.

(Vecer.mk via)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата