ЗАПАЛИВИОТ РЕГИОН И СВЕТСКИТЕ СИЛИ: Кој на чија страна e околу Нагорно-Карабах, кој игра ДВОЈНА ИГРА и од што НАЈМНОГУ СЕ ПЛАШИ ЕУ

28.09.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЗАПАЛИВИОТ РЕГИОН И СВЕТСКИТЕ СИЛИ: Кој на чија страна e околу Нагорно-Карабах, кој игра ДВОЈНА ИГРА и од што НАЈМНОГУ СЕ ПЛАШИ ЕУ

Ерменија и Азербејџан се лизгаат кон вистинска војна. Двете земји прогласија воена состојба и, засега, ниту една не попушта во обвинувањата дека ривалот е виновен за новата ескалација. Бројни светски лидери повикаа на прекин на огнот и мир, а светот нервозно го следи понатамошниот развој на настаните.

И тоа со добра причина. Конфликтот во овој спорен регион, иако навидум локален, може да вклучува светски сили и да има опасни последици.

Двете земји веќе долго време се расправаат околу регионот Нагорно Карабах, кој е дел од Азербејџан, но во кој претежно живеат Ерменци. Војната меѓу двете земји заврши во 1994 година.

Повеќе од 20 години, договорот за прекин на огнот беше на стаклени нозе, со симболично присуство на шест набудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Набљудувачи се распоредени за поддршка на процесот во Минск, напор предводен од ОБСЕ за решавање на конфликтот, ко-претседаваат Франција, Русија и Соединетите држави.

Сепак, од време на време, двете страни повторно се судираат.

Трка во вооружување

Во текот на изминатата деценија, сведоци сме на драматична трка во вооружување меѓу Азербејџан и Ерменија.

Охрабрен од добриот извоз на нафта и гас, Азербејџан ги зголеми своите воени трошоци повеќе од дваесет пати помеѓу 2004 и 2014 година. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се пофали дека буџетот за одбрана за 2014 година е двојно поголем од вкупниот државен буџет на Ерменија. Најзначајните набавки на оружје се од Русија.

Ерменија, традиционален руски сојузник, се обиде да го задржи чекорот, и покрај тоа што беше економски ограничена од недостаток на развој и затворени граници со Турција и Азербејџан.

Но, етничките ерменски сили ја задржаа контролата врз стратешките позиции во и околу Нагорно-Карабах, давајќи им силна предност и правејќи ја вкупната нерамнотежа помалку акутна.

Руска двојна игра

Русија, која има воена база во Ерменија, го смета Ереван за стратешки партнер во регионот.

Ерменија е близок партнер на Русија во воздушна одбрана и други воени аранжмани, кои вклучуваат руска обврска да ја брани меѓународната граница на Ерменија, доколку е потребно.

Русија веќе има значително воено присуство во Ерменија. Особено, конфликтот во Нагорно Карабах служи како корисен изговор за да се задржат илјадници војници во Ерменија.

Русија, сепак, овој пат избегна да застане на нечија страна. Кремљин го осуди конфликтот и повика на мир, но се чини дека остана неутрален.

Сепак, конфликтите во Нагорно Карабах може да бидат во прилог на Русија и од други причини. Од економска гледна точка, таа има профит од војната затоа што, очигледно, продава оружје и на Азербејџан и на Ерменија.

Наводно му испратила оружје на Азербејџан по повисока цена, со цел ефективно да ги субвенционира поевтините испораки до Ерменија.

Турција е секогаш со Азербејџан

Една од причините зошто Москва беше воздржана може да биде затоа што не сака да се судри со Турција, која, како што се очекуваше, ја осуди Ерменија и застана на страната на нејзиниот сојузник Азербејџан.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека солидарноста на Анкара со Баку ќе продолжи.

„Ерменија, која повторно го нападна Азербејџан, уште еднаш покажа дека тоа е најголемата закана за мирот во регионот“, рече Ердоган.

Во последниве години, Русија и Турција имаа разнишана врска што преминуваше од исклучително пријателски на жестоки зборови, па дури и на работ на директни судири поради спротивставени интереси во Сирија и Либија, на пример.

На почетокот на оваа година, искри летаа токму поради помал конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан.

Доколку Ерменија, како што најави нејзиниот премиер, навистина се реши да ја признае независноста на Нагорно-Карабах, односно Република Араках, како што ја нарекуваат Ерменците, ескалацијата ќе биде скоро неизбежна, а Русија и Турција повторно ќе се најдат на спротивните страни.

Иран како посредник?

Иран повика на итен прекин на непријателствата меѓу Ерменија и Азербејџан по конфликтот меѓу двете земји и ја истакна својата подготвеност да помогне во воспоставување на примирје.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Саид Катибзаде, рече дека Техеран е подготвен да ги искористи сите свои капацитети за да помогне во започнувањето на преговорите меѓу двете страни.

Иран е официјално неутрален и се обиде да ја игра улогата на медијатор, претежно во 1992 година. Во своите официјални изјави, Иран повикува на мирно решение и воздржаност за време на судирите.

Иако иранските власти постојано ја потврдија поддршката за територијалниот интегритет на Азербејџан, тие се обидуваат да имаат добри односи и со Ерменија. Така, Иран беше важен сојузник на Ерменија во 90-тите години на минатиот век, со што се спротивстави на Турција.

Заспаната Америка

Иако Соединетите држави се едни од државите набудувачи кои треба да одржуваат мир во регионот, нивната реакција на нови конфликти се уште се чека. 

Дури и во инцидентот во јули 2020 година, кога Ерменија и Азербејџан се судрија околу границата, немаше значајна реакција од Соединетите држави.

Владата на Соединетите држави сè уште нема официјална политика кон регионот на Јужен Кавказ, и покрај фактот дека еден мандат на републичката влада ќе заврши наскоро.

САД сега се премногу преокупирани со внатрешните проблеми, а пред се со претседателските избори на кои нивниот претседател Доналд Трамп се бори за нов мандат против Џо Бајден.

Ваквите работи го отвораат патот за другите сили како Русија и Турција да го пополнат вакумот.

Конфликт на европско тло

Европската унија исто така се обидува да ги смири страстите.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел оцени дека последните извештаи од зоната на конфликтот во Нагорно Карабах се „сериозно загрижувачки“.

- Воената акција мора итно да се запре, со цел да се избегне понатамошна ескалација. Итното и безусловно враќање на преговорите е еден начин напред - рече Мишел.

ЕУ се обидува да остане неутрална. Двете земји се поврзани со тоа преку договор за партнерство. Ниту една земја од ЕУ не ја призна независноста на Нагорно Карабах, иако нејзиното население се претежно етнички Ерменци.

Доколку ЕУ поддржуваше една од страните, тоа ќе предизвикаше гнев на другата, а со тоа и на некои од помоќните сојузници.

Опасност за цевководите

Но, не само тоа, туку и гасот игра голема улога овде. За Европа, стабилноста и безбедноста во Јужен Кавказ се важни од енергетски причини.

Гасоводот Баку-Тбилиси-Џејнхан и гасоводот Јужен Кавказ - и двата исклучително важни за европските енергетски потреби - се протегаат на неколку километри од Нагорно Карабах. Секое поголемо избувнување војна веднаш би претставувало закана за гасоводот.

Во време кога Европа се обидува да се оддалечи од руската енергија, стабилноста и работата на овие цевководи се од витално значење.

За неколку години, Јужниот гасен коридор ќе работи преку истиот регион. Кога ќе започне транспортот на гас од Каспиското Море кон Европа, тоа засекогаш ќе ја промени енергетската мапа на регионот.

И бидејќи тоа не би и одговарало на Русија, се чини дека има повеќе причини зошто конфликтот на Кавказ е во нејзина корист.

Затоа е јасно дека нов конфликт на европско тло може да биде само уште еден проблем за ЕУ, особено затоа што се бори против внатрешните превирања, пандемијата на коронавирус, Брегзит итн.

Се чини дека ситуацијата во Нагорно Карабах бара повеќе од вообичаени повици за деескалација на конфликтот.

Тоа е крајно запалив регион во кој војната може да вклучи и други земји.

(Vecer.mk)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата