Колку пари има во гробарскиот бизнис?

1.08.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Колку пари има во гробарскиот бизнис?

Погребалната дејност заради својата природа е услужна дејност за која воопшто не се зборува ниту се пишува. Сепак и тоа е бизнис, кој во најголем дел го работат општински комунални јавни претпријатија. Но има и приватни фирми, а една скопска компанија дури и покажува дека тоа е бизнис во кој се вртат милионски суми и тоа во евра.

Смртта е феномен - единствената мистична сила која човекот не може да ја победи и веројатно единствената од која се плаши секој човек. 

Фасцинацијата со мистичната сила на смртта е присутна од создавањето на човештвото до сега, времето во кое живееме ние современите луѓе. Дури и најсовремените науки во најразвиените земји немаат објаснување ниту решение за овој феномен што и покрај сето досега акумулирано знаење нас луѓето не прави несоврешени суштества.

Во приземната смисла на нашето битисување и опстојување смртта е бизнис. А таков бизнис има во сите земји на светот, а нашата Македонија не е исклучок од тоа. „Фактор“ направи обид да креира ранг листа на компании кои се занимаваат со тој бизнис кој во номенклатурата е дефиниран како „Погребни и слични дејности“. Велиме обид затоа што рангирањето опфати само приватни компании кои се регистрирани за таа дејност, а не се вклучени општински јавни претпријатија кои се регистрирани и за други комунални дејности меѓу кои се погребалните услуги.

Бутел погребален сервис е најуспешната македонска компанија во дејноста погребни и слични дејности. Ова друштво лани остварило приходи од оваа дејност во износ од 2 милиони евра и по тоа е убедливо најголемо од сите вакви приватни претпријатија. И неговиот бизнис лани пораснал за 8 отсто во однос на 2018 година. Профитот на Бутел погребален сервис е 132.000 евра и е за 83 отсто поголем од претходната година.

АД Бутел е втората скопска голема погребална компанија поврзана со Бутел погребален сервис. Ова друштво лани остварило приходи од 1,6 милиони евра што е  раст за 9 отсто во однос на 2018 година. Кај него профитот лани достигнал 50.000 евра.

Иако далеку помал приход од приватните активни компании регистрирани за оваа дејност, најблиску до скопските гиганти е битолската компанија Пурин. Лани нејзините приходи изнесувале 241.000 евра, а пораснале за 5 отсто во однос на претходната година. Профитот на друштвото изнесува 14.000 евра.

Кумановската компанија регистрирана за оваа дејност е Боби М и нејзниот приход лани изнесува 157.000 евра, а добивката е само 7.700 евра.

На листата има уште три компании од кои по една во Скопје, Прилеп и во Кавадарци. Скопската компанија е Рајски дом и лани ја завршил со добивка од 500 евра, а приходот бил 72.000 евра. Кавадаречката компанија се вика Хумка и лани остварила приход од 72.000 евра исто како и прилепски Бел фаст. За разлика од кавадаречката компанија, прилепската фирма завршила со добивка од 750 евра.

(Фактор)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата