Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор стана членка на НАТО и во тој период Бугарија молчеше за наводните нејзини проблеми што и ги прави соседот и се согласи да бидеме членка. Меѓутоа, кога станува збор за процесот на членство во Унијата, речиси сите до еден политички субјекти во Бугарија испорачаа програма на условување со цел да го оспорат нашето членство во Унијата или да издејствуваат некои сопствени придобивки што никогаш ги немале спрема Македонија, изјави за „Утрински печат“ за Слободна ТВ Малинка Ристовска Јорданова, експерт за ЕУ.
-Мислам дека Бугарија изгради стратегија и дојде до сознание дека во тој процес не може да постигне успех или да го сопре. Изгради тактика дека треба да се заврши процесот со Грција преку потпишување договор, а тие подоцна ќе го отворат прашањето за нивните интереси. Проблемот е што ние не ја предвидовме таа позиција на Бугарија и соодветно да реагираме. Мислам дека нивната проценка беше дека не е време да го отвораат прашањето пред нашето членство во НАТО, дека треба да бидат позитивни и за да се претстават како позитивни за после да можат да го реализираат овој план, рече таа.
Додаде дека Бугарија кога ја виде нашата неотпорност практично се засилија и осоколија, а уште повеќе оваа блокада дојде по нашето членство во НАТО.
– Како држава членка на НАТО ние моравме да поставиме многу посилна позиција од тоа што го направивме, посочи таа.
Според неа политиката на Бугарија спрема Македонија може да биде плод на координација со некои големи држави членки на Унијата, од една страна и политиката на ЕУ е резултат на декларирани принципите на соработка меѓу самите членки на Унијата и при тоа не може да се спротивстават на таквата политика спрема други држави што не се членки, а имаат статус кандидат како што е Македонија, од една страна.
-Ова треба да го гледаме низ призма на интересите и политиката на моќ. Тие не ја оправдуваат политиката на Бугарија спрема Македонија. Меѓутоа, не е само работата на примена на принципите, туку примена на едно правило дека се поддржува однесувањето на членот во Унијата во споредба со држава што не е членка. Бугарија е влезена на таканаречениот систем „нати го – дај ми го“, односно тоа е политика на донесување на одлуки на дневно ниво во ЕУ. Штом е политика во прашање и донесување одлуки, тогаш тоа се темели врз постигнување мнозинство внатре во редовите на Унијата и затоа Бугарија има таква позиција спрема Македонија, односно ЕУ не може да направи различна политичка позиција спрема Македонија од таа што е во моментов актуелна, изјави таа.