Во Извештајот се нагласува дека е потребна итна акција за спас на опрашувачите, кои имаат клучна улога во природните екосистеми и производството на храна, но се изложени на закани од интензивно земјоделство, загадување и климатските промени.
Според новата Црвена листа на загрозени видови на IUCN, речиси 100 дополнителни видови диви пчели во Европа сега се класифицирани како загрозени. Вкупно една од десет диви пчели – најмалку 172 од 1.928 проценети видови – е во ризик од исчезнување, во споредба со 77 видови во 2014 година.
Повеќе од 20 проценти од видовите на бумбари и целофан-пчели се под закана. Петнаесет вида бумбари, кои опрашуваат растенија како грашок, грав и детелина, и 14 вида целофан-пчели, кои опрашуваат дрвја и растенија од фамилијата на ливадарките, се наведени како загрозени.
Исто толку сериозна е состојбата и со европските пеперутки – 65 од 442 видови, односно околу 15 проценти, се во ризик од исчезнување, што претставува пораст во однос на 37 видови во 2010 година. Повеќе од 40 проценти од ендемските европски пеперутки се загрозени или блиску до загрозен статус.
Еден вид, големата бела пеперутка од Мадеира, која живееше само на португалскиот остров, е прогласена за исчезната, соопшти IUCN.
Најголемата закана за дивите опрашувачи е губењето на нивните природни живеалишта – резултат на интензивно земјоделство и шумарство, како и напуштање на земјиштето во помалку продуктивните области. Преголемата употреба на азотни ѓубрива и пестициди, вклучувајќи и хербициди кои ја намалуваат разновидноста на цветните растенија, дополнително ја влошуваат состојбата.
Климатските промени, со сè почести топлотни бранови, суши и шумски пожари, уништуваат живеалишта на пеперутки во јужна Европа и навлегуваат во алпските и северните мочуришта. Повеќе од половина од загрозените пеперутки (52%) се погодени од климатските промени, а некои, како критично загрозената „сивкава“ пеперутка од Невада во југоисточна Шпанија, страдаат и од уништување на живеалиштата и од затоплувањето.
Ефектите на потоплите температури врз пчелите се различни – ладноадаптираните бумбари се загрозени, додека дрвните пчели имаат корист од повисоките температури кои го забрзуваат нивниот развој и размножување.
Д-р Мартин Ворен, поранешен директор на организацијата „Butterfly Conservation“, изјави дека многу европски пеперутки се загрозени поради промените во живеалиштата предизвикани од растечките температури, но дека нивното преживување е можно со добро управување со живеалиштата и стабилни популации.
Директорката на IUCN, д-р Гретел Агилар, истакна дека пчелите и пеперутките не се само убави и културно значајни, туку и неопходни за здравјето, храната и економијата.
– Четири од пет видови на земјоделски и диви растенија во ЕУ зависат од инсектно опрашување, рече таа, додавајќи дека новите проценки даваат податоци за потребата од итно преземање мерки за заштита и обнова на популациите.
Истражувањето, прво на ова ниво по повеќе од една деценија, е финансирано од Европската комисија. Еврокомесарката за животна средина Јесика Росвал предупреди дека состојбата е „критична“ и апелираше за „итна и заедничка акција“ за справување со заканата.