Во своја блог-објава, имено, директорот на фондацијата, Маршал Милер истакна и дека ВИ и пребарувањето со четботови придонесува за пад на посетеноста на „Википедија“, а тоа води кон повеќе неверодостојна содржина.
- Веруваме дека овие намалувања го одразуваат влијанието на ВГИ и социјалните мрежи врз начинот на којшто луѓето бараат информации, особено затоа што пребарувачите сега им даваат одговори директно на корисниците, честопати врз основа на содржина од Википедија, рече Милер.
Фондацијата, се вели, сѐ повеќе се соочува со ВИ-ботови чијашто софистицираност го достигнала тоа ниво, каде што е тешко да се разликува човековото од автоматизираното пребарување. Откако „Википедија“ го подобрила својот систем за откривање ботови, прегледите на страниците паднале за 8 отсто во споредба со претходната година.
Милер предупредува дека ова е многу повеќе од статистички проблем, и предлага ВИ и пребарувачите да ги охрабрат корисниците да го посетат изворот на информации.
- Ако падот на посетеноста продолжи, тоа би можело да ја загрози единствената страница од своја големина што одржува стандарди за проверливост, неутралност и транспарентност во обезбедувањето податоци на интернет... За луѓето да им веруваат на информациите на интернет, платформите треба јасно да го истакнат изворот и да им дозволат на корисниците да го посетат и да придонесат за него, рече тој.
Со други зборови, помалку посети на страната на „Википедија“ значат помалку доброволни уредувачи, помалку донации и, на крајот - помалку веродостојна содржина.
Порано оваа година, „Википедија“ објави размисли за воведување резимеа генерирани од ВИ на врвот од статиите, но планот беше отфрлен по силното противење од заедницата на уредувачите.