Надеж дека со новиот папа Лав Четиринаесетти ќе продолжи и соработката и дијалогот, изрази вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој говореше на настан во Атина организиран во негова чест, што се одржа синоќа, кусо откако излезе белиот час од Сикстинската капела, со што се осврна и на изборот на новиот папа, јави дописничката на МИА од Атина.
- Се сеќавам од она што го научив во Рим дека Лав Тринаесетти бил познат по своето социјално учење и општествениот придонес. Се надеваме дека Лав Четиринаесетти ќе се поклони пред придонесот на црквата во светот, не само од општествена перспектива, туку со неговата улога и неговите дела, новиот брат, епископот од Рим дека ќе понуди одговор на егзистенцијалните проблеми, кои и денес продолжуваат да го загрижуваат човештвото, посочи Вартоломеј.
Додаде дека новиот папа „потекнува од голема земја што е симбол на демократијата“ и изрази надеж дека во својата црква и низ целиот свет ќе ги всади „универзалните идеали за слобода, еднаквост, правда и солидарност“, но и да помогне во запирањето на војните во Украина и на Блискиот Исток и да се избегне разгорување на конфликтот меѓу Индија и Пакистан, а луѓето да живеат во мир.
- Се надевам дека ќе започнеме нова страница и нова ера во нашите билатерални односи и во односите Исток-Запад, истакна Вартоломеј.
Патријархот рече дека има намера да присуствува на устоличувањето на новиот папа и со него да разговара за продолжување на соработката, но и да го покани да дојде на Собирот во Никеја (Турција) и да ја посети Вселенската патријаршија.
- Сега се надеваме дека (новиот папа) ќе сака, меѓу другото, да го промовира и негува дијалогот и пристапот меѓу Истокот и Западот. Имам намера да одам на неговото устоличување во следните денови и ќе имам можност да му предложам некои работи, секако да дојде во Никеја и да ја комбинира својата посета на Никеја со официјална посета на Вселенската патријаршија на нашиот престолен празник на Свети Андреј на 30 ноември, рече вселенскиот патријарх.
Во говорот опширно се осврна на развојот на односите меѓу православието и католицизмот, истакнувајќи го напредокот постигнат во последните децении, а се задржа на делото на папата Франциск, со кој, како што рече се обиделе „во целосна хармонија и меѓусебно разбирање“ да го продолжат дијалогот.
Истакна дека се сретнале над десет пати, а детално се задржа на средба во Ерусалим.
- На мој предлог направивме поклонение во Ерусалим за да ја прославиме 50-годишнината од историската средба на нашите претходници, Атенагора и Павле Шести, што навистина беше историска средба на Истокот и Западот, по векови пред гробот на Исус. Двајцата клекнавме пред гробот и се помоливме за повторно обединување на нашите цркви и за целото човештво. Беш скромен човек, едноставен, со хумор, нагласи Вартоломеј.